четврток, декември 26, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: „Свињо дебела“ ми предизвика доживотни трауми!

Женски приказни: „Свињо дебела“ ми предизвика доживотни трауми!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вербалниот напад е еден од потешките облици на насилство, кое може да остави доживотни психички потешкотии кај жртвата. На самиот почеток да се осврнеме на најсвеж неодамнешен пример, кој одекна во медиумите, од познати личности. Имено, новинарка на портал објавила информација / или шпекулација за љубовниот живот на извесна пејачка, за потоа таа да и возврати во дневен печат, во кој за новинарката искажала ваков опис, цитирам: „…а сето тоа е „заслужна” една новинарка (В.М.) која пишува паушално и без мојата потврдена изјава. Таа се дрзна, пишувајќи невистини од типот „чаршијата зборува…“ Ете, колку да си го пополни порталот, а при тоа не размислувајќи дека со тоа нанесе непроценлива штета врз мојот интегритет, моето дете и моето семејство. Тоа е крајно непрофесионално. Колку што знам и за неа чаршијата зборува дека ја немаат видено 15 години со маж и дека оди на промоции само да јаде, не следејќи го со внимание настанот. Или е викната само да трачари?“

Ако ја оставиме за момент потребата од женска солидарност и медиумска култура, она што треба да го подвлечеме во овој случај, а многу пати сме потсетиле на тоа, е законската казнивост. Еве ја повторно. Во македонскиот законик членот 319 гласи: „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа; 1) Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години”.

Во услови кога овој закон ќе почне прописно да се практикува, ваквите вербални изливи ќе престанат или ќе се сведат на минимум. Затоа што освен што е кривично дело, напад, бламирање и навреда, може да предизвика и психички нарушувања и болести. Еве сведоштва. Навидум, невиното потсмејување кон млада и убава девојка со нормална тежина придонело цел живот таа да е дебела. Како? На нејзини 17 години кога посакала да купи кратки џинс панталони, најдобрата другарка која многу ја сакала и на која и верувала, и рекла дека за кратки пантолони требаат убави нозе и да нема целулит, а таа божем, нема убави нозе.

-Тогаш тоа толку ме повреди, како кревка тинјџерка, што уште истиот ден почнав дома да вежбам беспоштедно. Скокав, правев ѕвезда, пируети во малата соба. Скокајќи така, со болка, бес, жар и навреденост, ја искривив кичмата. Оттогаш веќе три децении не можам физички да вежбам, и станав преку 120 килограми. Во меѓувреме се здобив со неколку болести кои дебелеат, и за мене веќе нема поправање на тежината. Нарушен ми е и приватниот живот поради тоа. „Свињо дебела“ често пати слушам на моја сметка, од сите оние кои во одредена ситуација сакаат да ме навредат, дури и случајни минувачи, дури и луѓе во градски автобус, и тоа ми создава безнадежност, траума и очај – ни открива една потиштена жена кон 50 години.

Токму тие години се и критични со нарушена здравствена состојба кај многу жени, тироидеа, климакс, преодни години кон старост и нормално е телото да се измени, да се накачат килограми. Дури и добронамерниот помагателен совет од типот „јас ќе ти кажам една диета за слабеење“, може длабоко да ја повреди и разочара некоја сензитивна жена, затоа и таквите коментари се дозволени само од страна на стручно лице, односно доктор.

-Се омажив од љубов, кога во виорот на војната во Југославија се преселивме од мојот Охрид во едно убаво гратче во Србија. По извесно време заболев од типична женска болест на јајници и додека се лекував и ја дознав болната вистина дека не може да станам мајка, наместо да добијам поддршка од семејството на сопругот, свекрвата и замерила на мојата мајка зошто ме омажиле болна. Ко ние божем да сакавме. Иако болеста ја стекнав потоа. Тој коментар толку психички ме разори што јас набрзо го напуштив сопругот, во длабока депресија. За среќа една деценија потоа се омажив повторно за прекрасен и внимателен сопруг, кој не употребува навреди. Напротив – ни раскажува 45-годишната В.В.

Личните, меѓусебните, јавните или дискретни навреди кон жена се опасни и пакосни. За нив треба што почесто да се практикува споменатиот закон, зошто ниедна жена не заслужува беспоштедно, а и било како, да биде жртва на психично насилство, со збор, навреда или квалификација, која ќе и напакости на менталната состојба, менталното здравје или психа. И паричните казни кога би станале практика и се поефектни, ваквите појави и страдања би ги снемало.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ