Доаѓањето на првиот ден на Пролетта, 21 март, иако под снег, беше пригоден момент да се подари убава и вкусна торта на нашата славна дива Добрила Чабриќ, која со својот ентузијазам и виталност дава инспирација како да живееме радосно, и да се справуваме со животните проблеми.
Нејзините, над 90 години, а се уште голема активност во музиката и дружбите, инспирираат да ја нарекуваат “Жената која е вечна пролет”.
По предлог на нејзина почитувачка и пријателка а по креативна идеја на Андреа Накова,  млада кукинг инфлуенсерка, инаку и успешна студентка и активистка за човекови права, ванила тортата со цветни декорации како изненадување и беше однесена во домот каде претстојува во Скопје. Таму, вчера попладне поминале пријатни мигови со уметницата, заедно вкусувајќи од ова слатко задоволство.
Андреа, потоа ќе рече:
– Со многу труд, огромна љубов, и уште повеќе ентузијазам, мојата прва авторска торта! И тоа за госпоѓа Добрила. Торта која со својот вкус ги буди сетилата, а мисловно ве носи на пролетна пладневна дружба и целосно уживање. Ова е нежна, ванила торта, за со кафе со најдобрата пријателка, за романтичен десерт со саканиот и неделен ручек со семејството. За родендени, годишнини и сите обични денови кои стануваат незаборавни. Нека оваа торта ги одбележи Вашите најубави моменти и биде предвесник на уште поубавите што доаѓаат. За првиот ден на Пролетта, со желба да е пролет на исполнување соништа, сончеви дружби и расцветување на најубави чувства!

Потоа госпоѓа Добрила овој гест го сподели на фејсбук со своите пријателки кои ги збуни, а тие, мислејќи дека станува збор за роденден (нејзиниот роденден е во февруари) и оставија бројни пораки.
Една од пораките гласеше:
-Не се знае која е послатка? (тортата или Добрила).
Кога е од љубов и почитување, секогаш е двојно послатко.