четврток, април 25, 2024
домаМАРИЈА КАСОВСКА: Покрај фреската на архангелот Гаврил го чувствувате трепетот на неговите...

МАРИЈА КАСОВСКА: Покрај фреската на архангелот Гаврил го чувствувате трепетот на неговите ангелски крилја! 

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго 
Марија Касовска е иден менаџер во културата, студент на МУС, отсек Менаџмент во културата при ФТУ –Охрид и еден од основачите на Здружението на граѓани за култура, уметност, заштита, валоризација и популаризација на културното наследство на Преспа –”Преспа арт” од Ресен . Со неа разговараме на интересни теми поврзани за Преспа, во минатото и денес.
Црквата Свети Ѓоргија во Курбиново е нашето големо историско богатство. Тема која постојано бранува и привлекува внимание и конечно како да се најде во жижа, по што и Министерството за култура најави помош. Затоа нашата средба ја почнуваме со оваа тема.
*Марија, вие како млада истражувачка, но со посветеност кон својот крај и многу работа зад себе, кажете ни прво што е она најважно како информација за оваа црква што треба секој Македонец да ја знае? 
– Црквата Св.Ѓорѓи Курбиново претставува културно наследство од највисок ранг. Во 1952 год е прогласена за споменик на културата. Таа е ренесансниот бисер на Преспа, највредниот уметнички ансамбл на Византиската уметност, Курбиново е аманет и завет. Токму од вратите на оваа црква започнува новиот уметнички бран, кој  ја надминува дотогашната статика на портретите, внесувајќи динамика, движење во просторот, импресија но и драма, во Европа наречен Ренесанса. Кога ја набљудувате фреската на архангелот Гаврил како да го чувствувате трепетот на неговите ангелски крилја, едноставно како да лебди до  вас. Стилот на ова зографско ателје подоцна ќе биде пренесен во Пистоја и Пиза, градови во Тоскана, Италија каде што врз основа на овој тип фреско-сликарство ќе се развие фамозната „Италијанска ренесанса“.
*Црквата со години е оставана на забот на времето. Прокиснуваше, се распаѓаше, се подронуваше. Единствено селаните од Курбиново пробуваа да спасат што може да се спаси. Ваша, а и општа констатација е дека ни војувачи, ни поробувачи, не успеале да и наштетат на црквата, колку нашата негрижа во 21 век. За што говори тоа? 
-Курбиново не потпадна ни под Византијците, Никејците, Епирците, ни под страшните виори на Крстоносците, ниту  под Османлиското царство, Балканските војни, на самата линија на фронтот од Првата Светска војна кога беше срушена катедралната црква Св.Ахил и беше неуспешно бомбардиран Сливничкиот манастир, ни Втората Светска
Војна, преживеа пожари, свлечишта, но тоне од негрижата на нашето невнимание. Зар не е чудно што и после 75 години од ослободувањето црквата не е нити архитектонски заштитена, фреските се распаѓаат или се жртви на нестручни интервенции, наодите од археолошките испитувања веројатно ги нема, тука  е ктиторскиот прстен. Уште колку
години се потребни да се изготви и спроведе една комплетна стратегија за трајна презентација на фреските? Единствено треба да сме благодарни на животната посветеност на Митко Ристевски и неговата фамилија кои со години се грижат и го чуваат клучот од црквата.
*Во слична положба е и црквата Свети Петар на островот Голем град,единствениот наш убав остров, манастирот во Сливница, во Брајчино. Се се тоа стари и многу значајни духовни центри, во кои порано имало и школи и библиотеки. Всушност, на Голем град имало голем средновековен центар за калуѓери и духовни лица, кои тука учеле, преданијата велат затоа е и изградена црквата а имало и други цркви тука. 
-Речиси  во сите поголеми манастири на Преспа постоеле скрипториумски центри, на Град, Брајчино, Сливница, доста е интересен скрипториумот во црквата Св.Сава Освештен во Претор, во која средновековни записи, пергаменти како и поменик како оној Слепченскиот, кој злогласениот грчки владика Мелетиј цела недела го киснев во вода да ги избрише славјанските записи. Доста интересен е познатиот „Ресенски фрагмент“ од посен триод од крајот на 11 и почеток на 12 век, пронајден во оставштината на поп Димитрија, кој 1918 г емигрира во Бугарија. Денес овој триод се наоѓа во библиотеката на БАН.Сето ова говори колку била развиено просветителството во Преспа, кога говорам Преспа мислам на Преспа во природните граници, насилно доделени на Грција и Албанија.
*Преспа е раритет, место каде се вкрстувале и раскрстувале цивилизации, нации, каде и денес има траги од разни религиии, цркви, џамии, разни јазици, традиции, тука поминувал патот Виа Игнација. Но, чинам малку истражено и сосема малку претставено во јавност. 
-Како мост помеѓу Западот и Ориентот, раскрсница помеѓу Стариот македонски пат, Виа Игнација, Виа Епирика, Преспа претставува огромна културно-историска и археолошка ризница. Организираниот живот во Преспа пулсира околу 3 милениуми. Според археолошките наоди и историографските податоци, првите жители, Преспа ги примила во средниот или доцниот неолитски период или во раното или средното бронзено време. Со сегашното повлекување на Преспанското Езеро, откриени сеостатоци од стари населби кои нудат можност да се добијат нови податоци за историјата на Преспа. Интересни се наколните живеалишта околу Преспанското Езеро кај селото Наколец, Нивици и Пустец споменети од античкиот историчар Херодот, па споменета е традицијата на солење на рибата од историчарот Страбон, 1 век п.п.н.е. Постојат повеќе остатоци ранохристијански објекти од старомакедонско време, населби, некропола, наоди од доцноантичкиот и римскиот период. Теракотната плоча од Божицата Ма најдена во Претор, една од трите во светот, мермерна глава која денес се наоѓа во Белград се дел од уникатните наоди во Преспанската регија. Досега се евидентирани околу 134 археолошки наоѓалишта но постојат уште многу повеќе кои треба да се евидентираат што поскоро.
* Преспа поседува интересна топографија која заедно со локалните легенди и преданија, историски и археолошки податоци создаваат еден културен мозаик кој ја прави уникатна во историографијата.
– Се вели дека Преспа е лулка на средновековието. Преспа е поврзана со раѓањето и погибијата на неколку најзначајни фигури од Македонскиот среден век. Легедендата за Петринската планина наречена Ведеријана како родно место на императорот Јустин наречен Исток, вујко на императорот Јустинијан, месноста Исток и фамилијата Источки. Цатот Давид Комитопул, брат на Самоил легендата за неговата погибија кај Дабје Брајчино, Св.Јован Владимир и принцезата Косара, војводата Ивец чии дворци Проништа денес руини кај селото Евла погубен на Голема Богородица над
Стара Спаса. Преспа како царска престолнина и седиште на Преспанската
патријаршија која денес воопшто не се споменува од историчарите нити
нејзиниот патријарх Герман. Преспа е дом на Св.Климент и Наум и легендата
за Градот на Петринската планина и Галичица од каде што Охрид ги добива првите сончеви зраци, за кој Кирил Јоновски тврдеше дека е средновековниот град Девол.
*Секое село во Преспа има силна легенда и историја која се раскажува, Подмочани и Грнчари, каде поминувал патот Виа Ингација имале развиена трговија, биле граница во минатото, но и места со богат и раздвижен живот. Сега селата замираат…
-За жал, со замирањето на занаетите, иселувањата замира и животот во Преспанските села. Доколку се вратиме неколку децении наназад, ќе видиме дека нашите села биле полни со живот, полни амбари, плодно поле, полни трпези, детски џагор по селките маала кој денес го нема. Неисцрпна историја , традиција, обичаи, адети, песни и ора, благослово и клетви. За среќа нашите села се расадник на учени луѓе и доколку ѕирнете во родокрајната библиотека на Градската библиотека при Домот на култура “Драги Тозија “ ќе  најдете монографии за скоро секое преспанско село.
*Патеписците Каваза, Лоренцо Бернардо на 22 мај 1591 поминале низ Преспа, на своето патешествие од Струга кон Битола. Тие даваат обемен опис дека по престојот во Крушје на потегот кон Сопотско застанале во селото со име Преспа, низ кое минувала истоимената, Преспанска река, а го опишале и езерото… Такво село сега нема, се знае ми што се случило, има ли некаков друг запис? 
-Низ Преспа изминатите 5-6 векови поминале десетици патеписци, дипломати, научници, истражувачи, авантуристи и други намерници кои
запишале редови и редови за Преспа во нивните патеписни белешки. Патеписната литература е извонреден историски извор за за нашиот народ, , бидејќи во тој период неговиот живот бил на работ на егзистенција под наездите на бројните поробувачи. Што се однесува до патеписот на споменатите патеписци  за  селото Преспа кое веројатно се наоѓало меѓу Крушје и Сопотско, фрла огромна светлина во разрешување на една од најголемите мистерии , за погибијата на Св.Јован Владимир, поврзано со местото „Гробот на Светецот“ во с.Сопотско. Инаку во Турските пописни дефтери стои дека кај Сопотско некогаш биле две села Турново и Белица-Бела Нива. Некои жители кажуваат дека имало три села и каде што е денес Сопотско постоело селото Преспа.
*Од  оние документи кои ни се на располагање дознаваме како бил организиран животот во Преспа. Ресен во 17 век бил село, сместено кон Јанковец, во 18 век станал касаба, кога почнало и масовно доселување на Македонци, Цинцари и Арнаути од околните села, Гопеш, Малоишта, Петрино, Леринско. Ѓорги Киселинов  во 12-тиот том на “Гласник географског друштва” во  1926 објавил вредни документи во кое се наведува која фамилија од каде е доселена. Си го знаете ли вие потеклото на Вашата 
фамилија? 
-Одлична архива, ја објавивме на страната на “Преспа арт” , во која се пронајдоа многу ресенски фамилии. Да, го знам потеклото на моите фамилии по двете страни до пред неколку поколенија.
*Уште нешто на оваа тема, животот во Ресен е опишан како мирен, во кое секој си има свој имот со нива, бавча, добиток. И модерен Ресен и денес го има истиот стил на живот со ниви и бавчи, со сопствено производство на овошје и зеленчук . Можеби она за што се вели ќе е иднина на Планетата. Значи ли тоа дека некои визии се вечни, а мирниот и мил Ресен е визионерски град? 
-Убавината е во едноставноста. Преспа изобилува со извонредни природни ресурси и зошто да не се живее во хармонија со природата секако ако тоа носи и добар економски ефект. Иако често знаеме да се критикуваме сепак Преспани сме питоми, работливи, гостопримливи, еснаф луѓе. Проблемот е што младите луѓе се иселуваат
масовно, треба да се направи некоја стратегија за се спречи или намали оваа негативна појава зошто населението во Преспа се повеќе старее. Потребно е да се изврши идентификација, мапирање, валоризација и брендирање на туристичките ресурси. Денес луѓето се презаситени од оној монденски туризам и се враќаат кон корените, традициите, историјата а Преспа нуди извонредни можности за културен и архео туризам, преку соодветна валоризација на природните и антропогените ресурси.
*Според некои кажувања, а и според описот на Каваза и Лоренцо Бернардо, езерото некогаш било многу поголемо, до Сопотско и до Макази. Англискиот патеписец и сликар Едвард Лир во 1848 година поминал низ Преспа и на Галичица, над Отешево, и ја нацртал на пејсаж на прекрасната глетка на како што се вели сребреното езеро и темни пурпурни облаци. “Најубавата панорама што моето око ја видело” рекол овој патеписец, а сега веќе ова сребрено езеро е пред катастрофа. Има ли некаква конкретна надеж, најава за спас?
-Преспанското езеро бележи големи осцилации низ вековите. Според испитувањата на значајни научници од почетокот на 20 век, како Јован Цвијиќ, било на многу повисоко ниво и во северозападниот дел на Преспанската котлина, во плодното Ресенско поле како што пишува д-р Вера Битракова. Во прилог на изнесеното одат топонимите: Езериште, Чуноец, Лоиште, Кривени, Рибов прелог, Избиште и ткн. Едвард Лир, 1848 г патувајќи од Битола кон Охрид преку Виа Игнација на Петринската планина воодушевен од убавината на Преспа насликал четири слики, кои денес се наоѓаат во најубавата светска колекција на патеписни слики на Лир кои денес се наоѓаат во библиотеката на Харвард. Сребреното езеро го губиме и ова не е од денес, туку децениски проблем кој навремено не се решил, за жал прогнозите за спас не се добри. Но, само Бог управува со природните стихии пред кои човекот е немоќен, сепак да се надеваме дека нашето Преспанско Езеро ќе свети со сребрен сјај.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ