Од денеска официјално е пуштен во употреба европскиот број за итни случаи 112. Со телефонско јавување на само еден број 112, во најкраток можен рок граѓаните може да ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или на противпожарната бригада.

Новиот број 112 е потребно да го знае секој граѓанин, а се активира во рамки на европски проект кој треба да го имплементира секоја земја аспирант и членка на ЕУ. Целта е да се спроведе како единствен европски број за итни повици со цел да му се помогне на населението во случај на загрозување на нивните животи или материјални добра на државата.

Во центрите работат и оперативци обучени да примат повик и да воспостават комуникација и со лица со различни попречености, што е во согласност со врвниот принцип за пружање помош како највисок приоритет.

Европскиот број за итни повици беше воспоставен со измените на Законот за управување со кризи. Во законското образложение беше посочено дека воведувањето на бројот за итни случаи 112 и распределувањето на потребните финансиски средства бара измена на широка законска регулатива, која го опфаќа и Законот за електронски комуникации, каде што е веќе имплементиран бројот за итни случаи 112.

Телефонскиот број 112 на почеток ќе функционира само на територијата на Скопје, а по тестирање на системот, за десеттина дена ќе започне со работа и на територија на цела држава. Ова е од причини што се работи за комплексен систем што во себе обединува неколку различни субјекти, министерства, противпожарните единици коишто со Устав се децентрализирани односно се во надлежност на самите општини и итната медицинска помош.