Едно неодамнешно истражување  веќе го вклучи алармот за потенцијалните здравствени влијанија од конзумирање на вода од пластични шишиња, при што научниците изразија загриженост за хемикалиите кои можат да се излеат во течноста со непознати влијанија врз здравјето на луѓето.  Но, како што објави „Њу атлас“, најново истражување објавено во „Журналот за опасни материјали“, го истражува овој феномен во однос на шишињата за повеќекратна употреба, откривајќи дека тие испуштаат стотици хемикалии во водата и оти нивното ставање во машина за миење садови може да биде лоша идеја.

Студијата ја спровеле истражувачи од Универзитетот во Копенхаген и се фокусира на типот на меки шишиња што се користат во спортот. Иако тие се неверојатно вообичаени ширум светот, според авторите има големи празнини во нашето знаење за тоа како хемикалиите од овие пластики можат да мигрираат во водата за пиење што се складира во нив, па спроведоа експерименти за да пополнат некои од празнините.

И новите и многу користените шишиња за пијалоци биле наполнети со обична вода од чешма и биле оставени да мируваат 24 часа, и пред и по ставањето во машина за миење садови. Научниците користеле масена спектрометрија и течен хроматограф за да ги анализираат супстанциите во течноста пред и по машинското перење, а исто така и откако биле исплакнати пет пати со вода од чешма.

„Она што најмногу се ослободува по машинското перење се сапунските материи од површината“, вели Селина Тислер, една од авторите. „Повеќето хемикалии што доаѓаат од самото шише со вода остануваат по машинско перење и дополнително плакнење. Најотровните супстанции што ги идентификувавме всушност излегоа откако шишето беше во машина за садови – веројатно затоа што миењето ја троши пластиката и со тоа го зголемува испуштањето”.

Научниците пронашле повеќе од 400 различни супстанции во водата кои потекнуваат од пластичниот материјал и повеќе од 3.500 супстанции од сапунот за миење садови. Повеќето од нив се непознати супстанции кои истражувачите допрва треба да ги идентификуваат, а токсичноста на најмалку 70 проценти од оние кои може да се идентификуваат, е непозната.

„Бевме изненадени од големото количество хемиски супстанци што ги најдовме во водата по 24 часа во шишињата“, вели авторот на студијата Јан Х. Кристенсен. „Имаше стотици супстанции во водата – вклучително и супстанции кои досега не се пронајдени во пластиката, како и супстанции кои се потенцијално штетни за здравјето. По циклусот во машина за миење садови, имаше неколку илјади супстанции“.

Меѓу супстанциите што научниците ги пронајдоа преку нивните експерименти беа фото-иницијатори, молекули за кои се знае дека имаат токсични ефекти врз организмите, со потенцијал да дејствуваат како канцерогени и ендокрини пореметувачи. Тие, исто така, открија омекнувачи на пластика, антиоксиданси и ослободувачки агенси кои се користат во производството на пластика, заедно со Диетилтолуамид (DEET), најчестата активна супстанција во средството за заштита од комарци.

Научниците веруваат дека само мал број од откриените супстанции биле намерно додадени во шишињата за време на производството. Повеќето од нив најверојатно се создале за време на употребата или производството, каде што една супстанција можеби била претворена во друга, како што е омекнувачот на пластика за кој се сомневаат дека се претвора во DEET додека се разградува.

„Но, дури и од познатите супстанции што производителите намерно ги додаваат, само мал дел од токсичноста е проучен“, вели Тислер, и додава дека како потрошувач не знаете дали некој од другите има штетно влијание врз вашето здравје.

Студијата се надоврзува на сè поголем број истражувања околу тоа како луѓето веројатно консумираат огромни количини на хемикалии преку интеракциите со пластични производи, и дополнително ги илустрира многуте непознати во оваа сфера.

„Толку многу се грижиме за ниското ниво на пестициди во нашата вода за пиење. Но, кога ќе истуриме вода во шише за да пиеме, ние самите незапирливо додаваме стотици или илјадници супстанции во водата. Иако сè уште не можеме да кажеме дали супстанциите во шишињата за повеќекратна употреба влијаат на нашето здравје, јас ќе користам чаша или квалитетно шише од нерѓосувачки челик во иднина“, вели Кристенсен. А.Р.