четврток, ноември 7, 2024
дома140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба на фотографии во рамките...

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба на фотографии во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм

Кинотеката ја чествува 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки. По тој повод во фоајето на Кинотеката, за времетраењето на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ (31 август – 7 септември) ќе бидат изложени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.

По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември (среда), на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филмови на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.

Милтон Манаки (09.09.1882, Авдела, Грција – 05.03.1964, Битола, Македонија) и неговиот постар брат Јанаки (1878-1954) се филмски пионери не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Јанаки, кој работел како професор по цртање и калиграфија, во 1989 во Јанина отворил фотографски дуќан, и тука започнува заедничката работа на браќата. Милтон го изучува фотографскиот занает токму таму, под менторство на неговиот постар брат Јанаки. Во 1905 година, браќата се селат во Битола, тогашен Монастир – важен политички, економски и културен центар во Румелискиот вилает на Отоманското царство, каде што го отвораат познатото „Ателје за уметничка фотографија“. Речиси петнаесет години подоцна го градат и отвораат киното „Манаки“ кое со кратки периоди на затворање (зарди пожар, банкротирање и слични „непогоди“) работело од 1921 до 1939 година.

Во 1906 година учествувале во Големата јубилејна изложба во Букурешт, Романија, каде што биле наградени во неколку категории за своите фотографски достигнувања, и од романскиот крал Карол I биле назначени и за официјални фотографи на кралски двор. Според сеќавањата на Милтон, некаде во тоа време Јанаки од Лондон ја донел и филмската камера – производство на компанијата „Charles Urban Trading“ – и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Со неа „започнува“ кинематографијата на Балканот, и со таа „Камера бр. 300“, тие најпрвин ја снимиле својата баба Деспина како преде волна во Авдела, а набргу потоа и цела низа настани, народни обичаи, свадби и погреби, познати и историски личности, делегации, кои наминувале случајно или намерно во регионот кој во тој период минувал низ турбулентни години исполнети со војни, судири, политички превирања. Посетата на турскиот султан Мехмед Решад V, потоа на српскиот крал Петар и принцот Александар, на грчкиот крал Константин и принцот Павле, погребот на грчкиот владика Емилијанос, турските репресалии по Илинденското востание, доаѓањето на англиските и француски генерали по завршувањето на Првата светска војна, парадата на Широк сокак во чест на Младотурската револуција, и многу, многу други настани биле засекогаш запишани на филмска лента благодарение на браќата Манаки.

Но и преку нивниот фотографски објектив се овековечиле речиси сите позначајни Битолчани, многу занаетчии и еснафи, воен персонал од сите војски што поминеле на оваа територија, победници и поразени, здрави и болни, богати и сиромаси, освојувачи и поробени, револуционери и функционери. Фотографирале насекаде во регионот, па и во Пловдив, Корча, Гревена, Авдела, Солун, итн.

По смртта на Јанаки, во 1955 година, Милтон целокупната филмска и фотографска оставина ја депонирал во Државниот архив на тогашна ФНР Југославија. Во 1976 година, по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени на чување во овој наш национален филмски архив, и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство.

Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола, а со заложба на Роберт Јанкулоски и „Македонскиот Центар за фотографија“ (МЦФ) – поголем дел од овие материјали се и дигитализирани, па и прикажан во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија.

Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење.

Во чест на браќата Манаки, во 1979 година во Битола беа организирани првите „Манакиеви средби“ на кои беа прикажувани југословенски филмови и се одржуваа тркалезни маси на теми од домашната и светската кинематографија – од аспект на филмската камера. Набргу потоа, средбите прераснаа во филмски фестивал „Браќа Манаки“, а од осамостојувањето на Република Македонија, фестивалот доби и меѓународен карактер, па денес го знаеме како Интернационален фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“.

Мисијата и делото на Милтон (и Јанаки) Манаки, пак, се научно-истражувачки предизвик за десетици автори, кои изминативе децении објавувале текстови за пионерите на филмската камера на Балканот. Кинотечните месечници и изданијата на Кинопис вријат од анализи и согледувања за опусот на Манакиевци. Изминативе децении се објавени неколку монографии за нивното творештво. Меѓу нив се книгите „Манаќи и Битола“ на Димитар Димитровски – Такец (Битола, 1975), како и монографијата „Манаки“ на м-р Игор Старделов (Кинотека на Македонија, Скопје, 2003) – издание преведено и на турски јазик во 2014 година, како соработка помеѓу Кинотеката на Македонија и ESR Film Yapim од Истанбул (книгата можете да ја преземете овде).

Филмското наследство од Манакиевци беше инспирација и за филмот ПОГЛЕДОТ НА ОДИСЕЈ (To vlemma tou Odyssea / Ulysses’ Gaze) на познатиот грчки режисер Тео Ангелопулос од 1995 година, со Харви Кајтел во главната улога. Овој филм се закити и со две награди на Канскиот фестивал истата година – наградата на ФИПРЕСЦИ, како и Големата награда на жирито на фестивалот – помеѓу многуте други меѓународни награди кои овој филм ги насобра во тој период.

Во 2019 година, на годишнината на смртта на Милтон Манаки, во Кинотеката се одржа премиерата на МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм на Роберт Јанкулоски за Јанаки и Милтон Манаки, а беше отворена и изложбата на реставрирани фотографии од опусот на браќата Манаки од истиот автор. Истата таа година, на програмата на Кинотеката имавме можност да го видиме и СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ (Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back) – документарен филм од 2017 година по сценарио и во режија на Елиза Здру (Eliza Zdru) од Романија.

Кинотеката, исто така, продолжува да ја инспирира и образува филмската (општа и стручна) публика, особено младата и преку изработка и презентација на разни кратки пропагандни, едукативни и информативно-забавни видео-записи, со тематики кои ги опфаќаат не само првите филмски дејци – како што се Милтон и Јанаки Манаки, и останатите пионери на македонскиот филм – туку и другите неодминливи, реномирани и докажани филмски автори и филмови, и од домашната и од светската кинематографија.

Токму затоа, на профилите на Кинотека на социјалните мрежи деновиве ќе биде промовиран и видео-записот „ФилмОмаж Манаки“, подготвен од млади филмски автори и соработници на Кинотеката, во кој тие говорат за браќата Манаки како нивна инспирација.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ