среда, декември 18, 2024
домаКУЛТУРА29. Европски денови на културното наследство на тема „Културни патеки, поврзувања и...

29. Европски денови на културното наследство на тема „Културни патеки, поврзувања и вмрежувања“

Во периодот од 23 – 29 септември 2024 година, во нашата држава по дваесет и деветти пат се организираат Европските денови на културното наследство. Во координација на Музејот на РС Македонија, во манифестацијата земаат учество 22 музеи, археолошки локалитети, граѓански здруженија, домови на културата, училишта и други организации коишто делуваат на полето на заштита и промоција на културното наследство, од 12 градови и села во нашата земја. Во програмата се вклучени и повеќе настани организирани од почетокот на септември, а во некои музеи, активностите ќе продолжат и на почетокот на октомври.

Во Музејот на РС Македонија денес се промовира сликовницата „Скриеното богатство на мојата баба“ од авторот м-р Наде Костадиновска-Спасеновска, кустос во Етнолошкиот оддел на музејот. На 27 септември 2024 година, во 14:00 ч., ќе биде отворена изложбата „Мијачијата – културна, уметичка и духовна реликвија“. Автор на концепцијата за изложбата е Горан Павловски, кустос во Етнолошкиот оддел на музејот. Веднаш потоа, ќе биде отворена и изложбата на Форумот на словенските култури насловена „Нашите 15“.

Во текот на викендот, на 28 и 29 септември, влезот за посета на Музејот на РС Македонија ќе биде слободен.

Европските денови на културното наследство претставуваат најголем европски проект поврзан со наследството.

„Во време кога ја прославуваме 75-годишнината од востановувањео на Советот на Европа, како и 70-годишнината од Европската културна конвенција, темата на Европските денови на културното наследство за 2024 година претставува моќен потсетник за тоа дека нашето споделено наследство продолжува да не поврзува преку границите и низ времето,  збогатувајќи го нашиот колективен европски идентитет и поддржувајќи ги темелите на демократијата“, нагласи Марија Пејчиновиќ Буриќ, Генерален секретар на Советот на Европа, во соопштението за медиуми на Европските денови на културното наследство, објавено на 3 септември 2024 година.

Преку темата „Културни патеки, поврзувања и вмрежувања“, граѓаните во повеќе од четириесет држави годинава имаат можност да осознаат како движењето на луѓето, идеите и културите низ времето и просторот го обликувале нашиот континент.

„Секоја година, Европските денови на културното наследство обединуваат милиони Европјани околу нивното споделено историско и културно наследство. Оваа нова сеевропска тема го става фокусот на каменот -темелник на европската историја: патиштата, мрежите и другите мостови помеѓу европските територии. Ова е одличен начин да бидеме сигурни дека нашето заедничко европско наследство е разбрано, заштитено и сочувано за следните генерации, додека во исто време тоа носи и економски бенефит за локалните заедници, преку туризмот.“, изјави Елена Иванова, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади, во Соопштението за медиуми на Европските денови на културното наследство, објавено на 3 септември 2024 година.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ