Од: Наташа Доковска
Скопје е преполно со молчаливи, заробени простори — објекти што некогаш беа симболи на државна инвестиција, спорт, култура и индустрија, а денес претставуваат напуштени урбани празнини. Дел се запечатени, други отворени за диви депонии, а некои опасни по животот. Иако постојат во срцето на метрополата, овие објекти денес се практично изгубени – и правно, и функционално, и општествено.
Комплексот Купром, кој се наоѓа во Ѓорче Петров, е типичен пример за индустриско наследство кое државата не знае како да го искористи. Руинирана фабрика, која денес е претворена во небезбедна зона, се користи како импровизирана депонија и често е цел на вандализам и пожари. Според локалните жители, тука сè уште се собираат деца, лица бездомништво и собирачи на отпад.
22% од државниот имот – правно невидлив
Според податоци на Државниот завод за ревизија, околу 22% од државните објекти не се евидентирани во централен имотен регистар. Во многу случаи, не е јасно ниту кој управува со нив, ниту дали постои сопственичка документација. Ова отвора простор за злоупотреби, но и блокира каква било можност за нивна намена или санација.
Многу спортски сали и игралишта, кои претходно беа во надлежност на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти (ЈПССОС), денес се надвор од употреба. Извештајот на ДЗР за 2023 година открива дека нема ажурирана евиденција за бројот на објекти, договорите за закуп се хаотични и неевидентирани, а објекти се издавани под долгорочен закуп по симболични цени, со дозвола за подзакуп и без контрола од државата. Во дел од нив не се плаќа ни кирија — бидејќи закупците самоволно го намалуваат износот со наводни „инвестиции“ кои никогаш не биле потврдени.
Што може да се направи?
„Не е доволно само да се евидентира состојбата. Потребен е стратегиски пристап – класификација, пренамена, ревитализација и соработка со граѓанскиот сектор,“ – велат од невладините организаци“.
Решенијата постојат, само треба волја
Според искуствата од другите држави потребна е конкретна активност околу решавање на овој проблем. Искуствата покажуваат дека е потребно, мапирање и дигитален регистар на сите напуштени објекти, програми за јавна пренамена: младински и културни центри, coworking простори, спортски школи, јавно-приватни партнерства за ревитализација, граѓански иницијативи со локални совети и културни настани, како и финансирање преку ЕУ фондови и донатори
Напуштените објекти не се само трошок — тие се и можност. Во време кога младите немаат каде да создаваат, спортуваат или творат, а заедниците се изолирани, напуштениот јавен простор може да стане катализатор на општествена трансформација. Потребна е само една одлука – да престанеме да гледаме низ нив, и конечно да ги вратиме во живот.
Н. Доковска

