вторник, јули 16, 2024
домаЖивотСоцијална политика53. ИЗДАНИЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“: Инклузивните работни места – решение за...

53. ИЗДАНИЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“: Инклузивните работни места – решение за подобрен пазар на труд

Инклузивните работни места се новиот потенцијал на бизнисот да привлекува и да задржува вработени

Современата технологија ги трансформира задачите и работните места на пазарот на трудот, па многу земји имаат недостиг од работници со вештини што се неопходни. Недостигот од работна сила, пак, влијае на нарушување на економијата со тоа што го влошува тесното грло во снабдувањето и предизвикува зголемување на инфлацијата.

Овој предизвик, врзан за потребата од градење на инклузивен пазар, за да се надмине хроничниот дефицит на работна сила, е во фокус и на најновото издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“. Преку актуелните содржини бројот се осврнува на одговорите како да се активира долгорочно невработеното население, но, и како да се задоволат барањата на бизнисите. Овој пат, со еден нов императив во нивното делување, обезбедување место на инклузијата и различностите.

Во моментов, според податоците на Агенцијата за вработување, има 8.754 отворени работни места. Oд друга страна, имаме над 116.000 регистрирани невработени, над 30.000 приматели на социјална помош, а над 29.000 не бараат работа зашто сметаат дека нема расположливи места. Најбарани занимања се продавачи, хигиеничари, општи работници, шијачи, возачи на камион, келнери, готвачи, а најпогодени поради недостаток на работна сила се преработувачката индустрија и трговијата на големо и мало.

– Сè повеќе млади не го сакаат стандардниот начин на работа од девет до пет. Имаат поинакви вредности, не се разбираат со работодавачите. Дали треба да ги превоспитуваме? Не, треба да се прилагодиме едни на други! Инпутите што доаѓаат од таа страна носат многу, ако знаеме да ги прочитаме – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, издавач на „Лице в лице“.

Илијевски нагласува дека не можеме да прескокнеме преку тоа дека долгото отсуство од пазарот на труд, некои лица ги прави поразлични, и дека им е потребно време за адаптација, менторство, надворешно – од социјален ментор и внатрешно, од ментор за професионална интеграција на работното место.
Едно од можните решенија во земјава за подобрување на сликата на пазарот на трудот, социјалната иновација на „Паблик“ – менторство за работна интеграција, или социјално менторство, има за цел да ја олесни интеграцијата на пазарот на трудот и со тоа значително да влијае на создавањето инклузивни работни места.

Но, како што треба да бидат подготвени индивидуалците за влез на пазарот на труд, така треба да бидат подготвени и претпријатијата како да создадат инклузивна работна култура. Ова не подразбира само отвореност за вработување, туку и внатрешно дејствување, трансформација на културата, која на долг рок носи значајна придобивка за бизнисот што подразбира и зголемување на добивката.
– Како да станете посакуван работодавач? Што значи инклузивно работно место? Што значат несвесните предрасуди и како тие влијаат на релациите меѓу луѓето? Како да привлечете, задржите и да градите квалитетна работна сила? Ова се само дел од прашањата чии одговори, пристигнати преку социјалното менторство, може да направат сериозни поместувања во функционирањето на бизнисите. Пред сѐ, во подобрување на задоволството на вработениот, а тоа, пак, да влијае врз неговата ефикасност на работното место. Промената е лична, а се одразува на целиот систем. Носи помотивирани и посреќни вработени кои што чувствуваат припадност во колективот и го користат својот максимален потенцијал со што се зголемува и ефикасноста на бизнисот, како и неговата добивка. Инклузивноста и инклузивните работни места се новиот потенцијал на бизнисот да привлекува и да задржува вработени – додава Илијевски, иницијаторот, и еден од креаторите на програмата ‘социјално менторство.

Најновиот број на „Лице в лице“, подготвен во рамки на Регионалниот проект на ГИЗ „Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан“, е достапен кај продавачите од партнерските организации: во Скопје – Црвен крст на град Скопје, Центар за заштита на правата на детето / Дневен центар за деца на улица Шуто Оризари, „Порака Неготино“, Волково, во Битола – МКЦ Битола, во Струга и Охрид – „Порака Нова“ и во Неготино – „Порака Неготино“.

Најновите страници носат содржини посветени и на влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на работните места, портрет приказни за продавачите, работата на фриленсерите, за (не)приврзаноста на младите кон училиштето, и уште многу други теми.
Изданието може да се набави и преку веб продавница, достапна на линкот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ