При изборот на неопходни работи кои што ќе ги земете со себе за најважниот ден во својот живот, во фокус треба да бидат исклучително само вашите потреби.
Никако не ја оставајте оваа обврска за последниот ден. Бебето знае да дојде на свет и некој ден порано ( секако како и некој ден покасно ) од предвидениот термин. Кога ќе дојде моментот за поаѓање во болница тешко дека ќе бидете во можност да се сетите на се што треба да спакувате и понесете со вас. За да не го заборавите неопходно, а да земете со себе еден куп непотребни работи, подгответе ја торбата навремено. Запрашајте се што се ќе ви биде потребно за тие неколку дена во болница, но сепак сетете се дека не се пакувате за на одмор и бидете рационални при изборот на работите кои што ќе ги понесете со себе.
Во зависност од тоа во која болница имате решено да се породите ќе зависи и што конкретно ќе треба да понесете за вас. Како основно за секаде ви е потребна здравствена легитимација, лична карта, како и анализите од крв правени во текот на бременоста, Rf фактор, … Во основни работи за пакување секако тука се и средствата за ваша лична хигиена па затоа најлесно е да почнете од овие работи.
Ако пиете хронична терапија тогаш задолжително со себе понесете ја неопходната доза на лекови.
Спакувајте четка и паста за заби, чешал, сапун со неутрален pH фактор, пешкир, хартиени и влажни марамици без мирис. Спакувајте си ја и кремата за лице која што редовно си ја користите.
Доколку во болницата не се обезбедени земете си со вас и влошки за сите денови.
Чашите за еднократна употреба како и цевките кои што се виткаат, ќе ви бидат од голема корист за земање течност по породувањето, во која положба и да сте наместени.
Времето во болница знае многу споро да минува, особено додека чекате да ви го донесат бебето. Токму затоа не го заборавајте телефонот во кој што ви препорачуваме да ги снимите вашите омилени песни кои што ве опуштаат и некоја интересна книга. Никако немојте да ги заборавите полначот за телефон ( може и екстерна батерија) како и слушалки за да не им сметате на останатите во собата. Телефонот секако ќе ви треба и за да се слушнете со сите кои што сакаат да ви честитаат и секако најблиските повремено да ве слушнат како сте и вие и бебето. Со нив секако ги правиме и првите фотографии од нашето дете.
Од добиените аналгетици, анестезија и сувиот воздух во салата за пороѓај многу често знае усните да бидат суви, па затоа не е лошо со себе да понесете и балзам за усни. Папучите се составен дел од она што треба да го спакувате и тоа најдобро со гумен ѓон или пак пластични.
Во торбата не е лошо да спакувате и некоја наметка, а доколу имате долга коса не заборавајте ластиче или стегач за истата, како не би ви сметала во текот на доењето.
Најважно од се, со себе понесете насмевка и многу љубов кон бебето кое треба да го донесете на свет.
Ал.Н.