понеделник, јануари 20, 2025
домаЖивотОткриена досега најстарата и најголемата градба на Маите во Мексико

Откриена досега најстарата и најголемата градба на Маите во Мексико

Археолозите ја откриле досега најстарата и најголемата градба од цивилизацијата на Маите во јужниот дел на Мексико.

Археолошки тим од Универзитетот во Аризона, предводен од Такеши Интомат, открил издигната вештачка правоаголна платформа долга повеќе од 1,4 километри и ширина од 400 метри на 3.000-годишната локација Агуада Феникс во близина на границата со Гватемала.

„Според наши сознанија, ова е најстарата монументална градба досега откриена во регионот на Маите и најголема во целата предхиспанска историја на овој регион“, напишаа истражувачите во професионалното списание „Нејчр“.

Археолозите веруваат дека зградата датира помеѓу 1000 и 800 п.н.е. и веројатно била користена за масовни церемонии.

Цивилизацијата на Маите го достигнала својот врв помеѓу 250 и 900 година кога нејзините припадници се населиле на полуостровот Јукатан, во Гватемала, Белизе и во Хондурас.

На такви големи платоа можеле да се соберат многу повеќе луѓе отколку во пирамидите, кои биле резервирани за привилегирано малцинство, велат научниците.

„Агуада Феникс и други ритуални комплекси од истиот период укажуваат на важноста на комуналната работа во почетниот развој на цивилизацијата на Маите“, напишаа тие.

Археолозите користеле ласерска технологија за откривање на градбите под вегетацијата. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ