Сите земји кои се потпираат на туризмот оваа година лошо поминуваат, како на економски, така и на здравствен план. Желбата за закрепнување на економијата го стимулираше приливот на туристи во моментот кога мерките беа олеснети, но тогаш се појави зголемување на бројот на новозаразени од вирусот во овие области.
Со цел барем привремено да му се помогне на туристичкиот сектор, кој е меѓу најпогодените од корона пандемијата, 11 европски земји одлучија привремено да го намалат ДДВ за туристичките услуги. Како што најави Европската асоцијација на хотели, ресторани и угостителски објекти (ХОТРЕЦ), Турција и Грција, меѓу другите, се први кои одлучија да ја преземат таа мерка.
Како дел од мерките што треба да ја опорават сериозно погодената економија, грчката влада минатиот викенд одлучи дополнително да го поддржи туризмот, со продолжување на мерката за намален ДДВ до крајот на април 2021 година, така што таа ќе изнесува 5% наместо 13. Намалената стапка за кафе и безалкохолни пијалоци во износ од 13% важи и за уште половина година.
За разлика од Грција, Турција направи по драстичен чекор. Имено, во периодот од 1 април до 30 ноември 2020 година, Турција одлучи да го намали ДДВ-то во хотелскиот сегмент од веќе ниските осум на само еден процент, што е најнизок ДДВ во кој било туристички сегмент во Европа.
Ал.Н.

