Сите потенцијални несакани ефекти на вакцините против коронавирусот се во надлежност на здравствените власти на земјите кои ги користат вакцините, објави денеска портпаролката на Светската здравствена организација, Маргарет Харис.
Таа зборуваше на оваа тема откако се појавија алергиски реакции во Велика Британија по давање на вакцината „Фајзер“ и предупредувања од британските здравствени експерти дека луѓето кои имаат проблеми со алергии засега нема да примаат вакцина, објави Ројтерс.
„Луѓето не треба да бидат премногу нестрпливи“, рече портпаролката на СЗО Маргарет Харис на брифинг во Женева.
СЗО ги разгледува податоците од третата фаза на тестирање на вакцини од неколку производители, додаде таа.
„Вакцините сè уште немаат дозвола (од СЗО) за употреба во итни случаи, бидејќи најважно е прво да се погрижиме за безбедноста“, додаде таа. А.Н.