Европската комисија и соопшти на германската влада дека крајниот рок за одлука за одобрување на вакцините на „Фајзер“ и „БиоНТек“ е 23 декември, откри во вторник владин извор, а „Билд“ пишува дека ЕУ ќе ја одобри вакцината на 23 декември и дека првите вакцинации во Германија се можни по Божиќ. Имено, потребни се два до четири дена за да може откако ќе се одобри вакцината, луѓето да започнат да се вакцинираат.
„Ова е добра вест за ЕУ“, изјави германскиот министер за здравство за „Билд“, кој пишува дека тоа го сметаат за потврда дека вакцината ќе биде одобрена на 23 декември.
За да се овозможи вакцинација во 27-те земји-членки на Европската унија, потребно е одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Европската комисија и потврди на германската влада дека 23 декември е новиот датум за одлуката“, открил изворот.
Директорката на ЕМА, Емер Кук, во понеделникот објави дека одлуката за вакцината може да пристигне пред 29-ти декември.
„Работиме нон стоп на одобрување на првата вакцина против ковид-19“, изјави Кук пред новинарите, но додаде дека роковите „постојано ќе се проценуваат“.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан повика на забрзување на процесот. Велика Британија прва одобри вакцина изработена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „БиоНТек“ и веќе им ја дава на своите жители, а САД ја започнаа својата програма за вакцинација со вакцината во понеделникот.
За разлика од САД и Велика Британија, Европската унија не издава итни одобренија за вакцини, што значи дека постапката мора да се спроведе според вообичаената постапка. А.Н.