Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска соопшти дека по предлог на Комисијата за заразни болести денеска на ГККШ предложил воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава, за кој владата ќе треба да се произнесе на утрешната седница.
Како што образложи министерот Филипче, предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да започне полицискиот час и до кога да трае истиот.
Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект.
Во болниците се исполнуваат инфективните одделенија, но сепак нема нагол раст како што беше на почетокот на месец ноември минатата година. Сепак, во моментов е тешко да се процени дали и колку ќе биде силен бранот којшто сега се јавува во смисла на зголемени новодијагностицирани случаи, појасни за медиумите Филипче.
Тој ги повика инспекторатите и покрај тоа што притисокот за работа им е значително зголемен, да вршат почести контроли за почитување на мерките и протоколите.
– Угостителските објекти работат со протоколи, сосем доволни и врз основа на стандардните принципи за да се спречи ширењето на болеста, така да ова е сега мерка, ќе видиме каков резултат ќе има, има слободни болнички капацитети и во моментов не е ситуацијата критична и ризична, но секако не сакаме да стигнеме до таму.” – изјави министерот Венко Филипче.
Министерот Филипче реле дека никаде освен во Кавадарци капацитетите на инфективните одделенија не се пополнети и дека никаде во моментов тоа не е проблем. Како што посочи, ударот кон болниците во смисла на прилив на нови пациенти не е така нагол како што беше на почетокот на ноември, но е тешко да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато, па оттаму е и најавата за засилување на превентивните мерки. А.Р.

