домаТргна "Цветната штафета" од општина Бутел низ целата земја

Тргна “Цветната штафета” од општина Бутел низ целата земја

Со предавање на “Цветната штафета” од тројца вредни ученици од основното училиште “Живко Брајковски” на децата од градинката “11 октомври” во скопската населба Бутел, денеска свечено тргна по својот пат.

Во градинката, по овој убав повод беше одржана пладневна приредба, пред уметникот и идеен творец Живко Поповски Цветин и градоначалникот на општината Бутел, господинот Велимир Смилевски, кој ја имаше честа прв да се потпише на свечената цветна лента, на која понатаму ќе бидат впишани сите потписи од директорите на училиштата и градинките каде Штафетата ќе биде пренесувана.

По повод 16 години постоење на општина Бутел, во наредниов период ќе се реализира оваа уникатна идеја, “Мироносна цветна штафета” до секое основно училиште и градинка, преку која најмалите до возрасните ќе пренесат пораки за љубов, соживот, здравје, мир, благосостојба и храна за сите. Потоа сите пораки од децата и училиштата преку “Цветната штафета” , на 27 април ќе бидат однесени во Општината Бутел и пренесени до Градоначалникот, кој денес вети дека ќе овозможи услови не само за пат на Штафетата во неговата општина ами и во другите скопски општини, и пошироко.

-Прво да ви се заблагодарам што сме денеска овде, во оваа детска градинка меѓу најмалите дечиња, кои имаат иднина само доколку имаат мир, здравје, доволно храна и работа. Мироносната штафета ја започнавме во ООУ “Живко Брајковски” благодарение на госпоѓата Лилјана Атанасова која е голем инспиратор и веднаш ја прифати оваа идеја, а изразувам задоволство и одушевеност што градоначалникот има сенс за развивање и остварување на оваа иницијатива. Верувам оваа порака што децата ја праќаат ќе биде поважна од пораките на сите амбасадори на светот, нагласи Поповски.

И, градоначалникот Смилевски му заблагодари на уметникот што ја избрал нивната општина за прва од каде тргнува ова детско цветно движење.

– Прифаќам во секое училиште кога ќе имаме активност да дојдам да дадеме една голема тежина, затоа што манифестацијата многу ми се допаѓа и мислам дека можам да бидам покровител и нешто поголемо во нашата општина, а потоа ќе направиме соработка да продолжи и во другите скопски општини, гласеше поздравниот говор на Градоначалникот.

Овој месец Штафетата продолжува во општинските училишта ООУ “Свети Климент Охридски”, ООУ “Гоце Делчев,”, “Ацо Шопов”, ООУ”Лиман Каба”, ООУ “Панајот Гиновски”, ООУ “Петар Здравковски Пенко” каде ќе се одржуваат и работилници за цртање, на кои Цветин на децата ќе им ги открива тајните на сликањето цветови.

Штафетата деновиве имаше и свои свечености меѓу децата во Битола и битолско, а до крајот на оваа година ќе има низ цела Македонија, со тенденција да продолжи и во следната, 2022.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ