домаЕкспертите за „АстраЗенека“: Придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците

Експертите за „АстраЗенека“: Придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците

Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) и Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска ќе се состанат за да разговараат за состојбата со вакцината „АстраЗенека“ откако голем број европски земји ја прекинаа употребата од страв дека предизвикува згрутчување на крвта.

Трите најголеми земји на ЕУ – Германија, Италија и Франција и уште десетина други, се решија на овој чекор, што секако дополнително ќе ги забави напорите за имунизација против болеста од која починаа над 2,6 милиони луѓе.

Светската здравствена организација, „АстраЗенека“ и Европската агенција за лекови инсистираат на тоа дека вакцината е безбедна и дека нема докази за поврзаност помеѓу вакцините и случаите на тромби пријавени во повеќе земји.

„Не сакаме луѓето да започнат со паника и нашата препорака, засега, е земјите да продолжат да ја користат АстраЗенека“, соопшти СЗО.

Европската агенција наведува дека „илјадници луѓе во ЕУ добиваат тромб секоја година од различни причини“ и дека бројот на инциденти меѓу вакцинираните лица „не е поголем отколку кај општата популација“.

Придобивките ги надминуваат ризиците

„Придобивките од вакцината „АстраЗенек“ во спречувањето на хоспитализација и смрт од ковид-19 се многу поголеми од ризиците од несакани ефекти“, соопшти Европската агенција за лекови.

Експертите на СЗО и ЕМА денеска одделно ќе ги разгледуваат податоците за вакцинацијата со „АстраЗенека“, а европската агенција ќе одржи вонреден состанок во четврток за да разгледа понатамошна акција.

Германската влада, која за утре планираше виртуелен самит за вакцинација, го одложи за по состанокот на ЕМА.

Експертите наведуваат дека бројот на згрутчување на крвта и тромбоситопенија кај вакцинираните лица не е поголем отколку кај оние кои не примиле вакцина.

Меѓународното здружение за тромбоза и хемостаза минатата недела рече дека „малиот број пријавени случаи на тромбоза во споредба со милиони вакцинирани не доведува до заклучок дека постои директна врска“.

Вакцината „АстраЗенека“, најевтината достапна, е претставена како вакцина за сиромашните и извештаите за појавата на тромби кај вакцинираните лица ја надминуваат Европа. Од друга страна, ЕУ и „АстраЗенека“ се во конфликт со месеци бидејќи компанијата, која ја разви вакцината во соработка со Оксфорд, рече дека ќе испорача помалку дози од договореното заради проблеми со производството. Исто така, Велика Британија, која е апсолутен европски лидер во вакцинацијата, вакцинираше најголем дел од својата популација со оваа вакцина и без некои поголеми проблеми. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ