домаГермански научници: Постои решение во случај на тромбоза од вакцините

Германски научници: Постои решение во случај на тромбоза од вакцините

Германски научници утврдија зошто во некои ретки случаи се јавува тромбоза по вакцинирањето со „АстраЗенека“, пишува „Дојче веле“ и наведува дека научниците тврдат дека за тоа постои решение – активна состојка со моментален ефект, која помага против тромбоза.

Шест случаи на тромбоза во Германија по вакцинирањето со вакцината „АстраЗенека“ се проучени во универзитетската болница Грајфсвалд, а германските медиуми проценуваат дека дошло до револуционерно откритие дека вакцината, во многу ретки случаи, „активира“ тромбоцити во крвта на сличен начин како кога формираат заштитен слој преку отворени рани.

Ваквата реакција не е тешко да се спречи, затоа се препорачува на ризичните групи по вакцината да им се даде соодветен препарат, активна состојка со непосреден ефект „што помага против тромбоза“. Сепак, може да се даде само по појава на тромбоза, а не истовремено со примена на вакцината.

Веднаш по објавувањето на препораката на Европската агенција за лекови, 15 земји од Европската унија кои привремено ја прекинаа вакцинацијата со „АстраЗенека“, објавија дека ќе продолжат со вакцинацијата со таа вакцина.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека вакцинацијата ќе продолжи веќе во петок, а истото го одлучи и Италија. Шпанија има намера да продолжи да ја користи „АстраЗенека“ од почетокот на следната недела, а досега само Шведска најави дека „добро ќе ги проучи“ наодите на Европската агенција и дека ќе донесе одлука за неколку дена.

И покрај бројните написи во медиумите за таа вакцина, кои го покренуваат прашањето за довербата на граѓаните во безбедноста на постапката, таа не остави голем белег кај граѓаните во Германија.

Според брзата анкета на јавното мислење, подготвеноста за вакцинирање опадна многу малку – претходно беше 73 проценти, а сега 71 процент од анкетираните граѓани велат дека се подготвени да бидат вакцинирани „што е можно побрзо“. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ