Македонската новинарка и филмска критичарка, Сунчица Уневска, оваа година повторно е поканета да учествува во Интернационалното жири, кое на Канскиот филмски фестивал ќе ги додели наградите на најдобрите арапски филмови од изминатата 2020 година. Уневска беше дел и од минатогодишното жири кое тогаш по 4-ти пат ги додели наградите за најдобрите арапски филмови, а беше составено од 142 најеминентни критичари во светот од 57 земји. За годинешното, јубилејно 5. доделување на наградите за најдобри арапски играни и документарни филмови, Арапскиот филмски центар го зголеми жирито, па така за атрактивните конусни филмски награди оваа година одлучуваа 160 најзначајни и највлијателни филмски критичари од 63 земји од целиот свет. Сунчица Уневска е единствен претставник од Македонија во ова жири, а од поранешна Југославија, во жирито има двајца претставници од Хрватска и една критичарка од Србија.
Во конкуренција годинава беше 21 филм. Интересно е дека, иако изминатата беше многу тешка година за филмската индустрија, сепак, арапскиот филм се покажа доста витален и годинава можеа да се видат исклучителни дела. Она што е интересно е дека имаше неверојатно силна конкуренција, во која една четвртина од филмовите беа годинешни кандидати за „Оскар“ за странски филм. Како што ќе рече менаџерката на наградите, американската филмска критичарка, Дебора Јанг: „Арапската кинематографија понуди висок квалитет на долгометражни играни и документарни филмови, што го отежнува изборот на номинираните за годинешните награди. Она што ме радува, е фактот дека годинава има уште поголем број на жени-режисери, тренд кој се надевам ќе продолжи и во иднина“.
А тоа е навистина така, неверојатна е бројката на 11 жени-режисери од 21 филм, што би рекло, точно половина од номинираните се жени. Интересно е дека иако силен изборот, годинава имаше и многу дебитантски дела. А за квалитетот на филмовите, зборува и еден од условите за воопшто филмовите да се вклучени во изборот за наградите, а тоа е нивното учество на некој од големите филмски фестивали кои се надвор од арапскиот свет. Па така, во изборот на филмови се работи за извонредно актуелни и ангажирани теми и за филмови што добивале награди во Венеција, во Берлин, во Торонто, биле во главна селекција во Кан и на редица други фестивали.
Критичарите уживаа во оваа бројка од 21 филм, кој од кој подобар, за да се стигне до потесниот избор, односно по три филма во сите шест категории во кои се гласа: за најдобар игран и документарен филм, најдобра режија, сценарио и најдобра машка и женска улога. За најдобар игран филм во трка се: мароканскиот „Занка контакт“, како и кандидатите за „Оскар“ на Палестина и на Јордан, „Газа, љубов моја“ и „200 метри“, а за најдобар документарен филм се борат: египетскиот кандидат за „Оскар“, „Дига (тегови) како девојка“, како и мароканските, сентименталниот „Разгледници“ и независниот филм во борба со цензурата, „Пред да умре светлината“.
Арапскиот филмски центар е непрофитна организација регистрирана во Амстердам. Тоа е меѓународна промотивна платформа за арапската кинематографија, која му овозможува промоција и вмрежување на арапскиот филм, а со учеството на меѓународни фестивали и маркети придонесува претставниците на филмската индустрија да го препознаат арапското кино. Тоа е вистинска промоција на својот филм, ако некој тоа навистина сака да го прави, за разлика од Македонија. Инаку, Арапскиот филмски центар издава и Арапски филмски магазин на англиски јазик, каде што секогаш се претставени овие награди, но и членовите на жирито со нивниот профил, фотографија и биографија. Инаку, членовите на жирито се претставени и на веб-страницата на Арапскиот филмски центар, каде што има и посебна категорија за овие годишни награди за арапските филмови, а исто така во магазинот се објавуваат и рецензиите на критичарите за победничките филмови. А.Р.

