Мајката на детето по кое се трага во реката Сава кај Загреб, во средата вечерта е приведена под сомнение дека извршила тешко убиство.
Во средата попладне околу 16 часот, жена со дете во рацете влегла во водата кај мостот Јанкомир, јавуваат хрватските медиуми. Самата повикала полиција и ја известила дека влегла во вода со детето, а излегла сама.
По пристигнувањето на полицијата и итната помош и била укажана лекарска помош, а по лекарска помош и преглед била приведена поради сомнение за сторено кривично дело „тешко убиство“. Апсењето го потврди и хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, пренесе „Н1“.
Загрепскиот адвокат Милко Крижановиќ изјави дека го откажал полномошното и дека нема да ја застапува мајката по чие дете се трага во реката Сава.
„Семејството ме контактираше за да се распрашаме за целата процедура. Јас не застапувам никого. Не го сакам и нема да го застапувам тоа семејство“, изјави Крижановиќ за хрватскиот портал „Дневник“.
Тој додаде дека на мајката и е одреден друг адвокат по службена должност.
Заменик-градоначалникот на Загреб, Лука Корлает, изјави дека потрагата се врши долж целиот слив на реката во Загреб и загрепската жупанија, а учествуваат 45 припадници на полицијата и други служби, како и 33 пожарникари од округот.
„Потрагата го опфати подрачјето на Сава на целиот град, а сега и округот. Во сливното подрачје на градот учествуваат 45 припадници на полицијата, пожарникарите, општите единици на Цивилната заштита, Црвениот крст и Хрватската планинска спасувачка служба. Пожарникарите од округот, од кои 33, се приклучија изутрината надвор од границите на градот“, рече Корлает.
Хрватскиот завод за социјална работа соопшти дека семејството не е под заштитни мерки, ниту на кој било начин во процедура на социјалните служби. А.Р.