домаКолумниКога гасне Ал Џезеира Балкан – не гасне само еден медиум, туку...

Кога гасне Ал Џезеира Балкан – не гасне само еден медиум, туку и гласот на надежта

Пишува: Наташа Доковска

Понекогаш изгаснуваат светла што не сме ни свесни колку многу не осветлувале. Гаснењето на Ал Џезеира Балкан за мене е токму тоа – еден тежок и поразителен чин што ме тера да се запрашам каде живееме, во што веруваме и колку воопшто ни преостанува од онаа кревка и храбра независност во која се колневме дека ќе ја браниме.

Ја паметам првата вест што ја видов на Ал Џезеира Балкан. Беше различна. Тон, јазик, кадар – сѐ беше некако почовечки, поискрено, поблиску до луѓето. Потоа ја следев години. Во мракот на националистичкиот говор, во калта на таблоидите што ја жртвуваат вистината за клик повеќе, Ал Џезеира Балкан стоеше исправена како потсетник дека новинарството сѐ уште знае како да биде гласно, достоинствено и храбро.

А денес, додека читам дека згаснува, чувствувам студ околу мене. Ова не е само затворање на регионална редакција. Ова е тивок атентат врз независното новинарство на Балканот. Ова е симболично предупредување за сите нас што уште се обидуваме да пишуваме со чист образ и да прашуваме кога никој не сака да одговори.

Сакаат да нѐ научат на послушност. Да нѐ убедат дека нема смисла да бидеме гласни. Да нѐ дресираат дека вистината е само уште една варијабла која се мери со рејтинг и пари. Ал Џезеира Балкан не беше совршена, како што ниту еден медиум не е. Но беше едно од последните упоришта што не се предаде пред политичкиот и комерцијалниот терор.

Ќе ми недостигаат репортажите што не се плашеа да влезат длабоко во тема што сите ја заобиколуваат. Ќе ми недостигаат разговорите со новинари кои не зборуваат шифрирано, кои не си ги мерат зборовите со страв дали ќе добијат отказ или ќе останат без маркетинг спонзор. Ќе ми недостига она чувство дека имаме нешто што ни припаѓа на сите нас – независно, од Балканот за Балканот.

Секое гаснење на ваков медиум е порака: „Не се обидувај! Не го кревај гласот! Не им се спротивставувај!“ А јас не сакам да ја прифатам таа порака. Не сакам да молчам. Затоа ја пишувам оваа колумна. Не како новинарка, не како гледач, туку како човек што верува дека не смееме да ја оставиме вистината без свој дом.

Дали можевме да ја спасиме? Можеби. Можеби требаше погласно да викнеме кога првпат почнаа да се случуваат кратењата. Можеби требаше да ја браниме по улици, со петиции, со нашите текстови. Можеби ова е лекција – дека независното новинарство не се брани само од внатре. Се брани од сите нас. Со нашето внимание, со нашата поддршка, со нашата спремност да не консумираме медиум што не нѐ почитува, туку оној што ни дава факти.

Затоа денес велам: да, гаснењето на Ал Џезеира Балкан е атак врз сите нас што сѐ уште веруваме во независно новинарство. Но, нема да дозволам да биде и пораз. Ќе го носам тој жар натаму, во секој мој напис, во секој протест, во секоја дебата каде што ќе застанам на страна на вистината.

Се надевам дека и другите ќе го направат истото. Зашто ако ова гаснење не нѐ разбуди, ако не нѐ потсети дека без слободни медиуми сме сите затвореници на лагата – тогаш веќе сме го изгубиле најважното: нашата моќ да мислиме и да зборуваме слободно. Отсега за Ал Џезеира Балкан уште погласно ќе зборувам. Оти вистината може да изгасне на еден екран, но ќе живее додека има некој што ќе ја носи во спомените и ќе ја споменува.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ