домаПОЛИТИКАСветНова американска такса од најмалку 250 долари за визи – што значи...

Нова американска такса од најмалку 250 долари за визи – што значи ова за патниците од Северна Македонија?

САД воведуваат нова „такса за интегритет на визи“ од најмалку 250 долари која ќе се наплатува од сите меѓународни посетители што аплицираат за неимигрантска виза. Оваа такса ќе се додаде на постојните трошоци за аплицирање и е дел од новиот закон за домашна политика инициран од администрацијата на Доналд Трамп.

Таксата ќе се однесува на туристи, бизнис патници, меѓународни студенти и сите други кои привремено престојуваат во САД. Според податоците на Стејт департментот, само во фискалната 2024 година биле издадени речиси 11 милиони неимигрантски визи.

За државјаните од земји кои се дел од Програмата за укинување на визи, како Австралија и повеќето европски држави, оваа такса не се применува при кратки престои до 90 дена. Сепак, за сите останати, плаќањето ќе биде задолжително во моментот на издавање виза. Според законот, патниците што ги исполнуваат условите на визата можат да добијат поврат на средствата по завршување на патувањето, иако механизмот за тоа сè уште не е прецизиран.

Имграцискиот адвокат Стивен А. Браун ја опиша новата такса како „депозит за безбедност“. Тој изјави дека не постојат јасни детали за процесот на поврат на парите, што остава простор за несигурност кај апликантите.

Министерството за внатрешна безбедност, кое е надлежно за спроведување на оваа нова такса, сè уште нема објавено како ќе функционира враќањето на средствата. Според нивен портпарол, за спроведувањето е потребна координација меѓу повеќе агенции.

Портпаролот на Стејт департментот истакна дека оваа мерка служи за поддршка на имиграциската контрола, спречување на прекршувања на условите за престој и финансирање на граничната безбедност. Во случај да не се изврши поврат на средствата, таксата ќе оди директно во буџетот на американскиот трезор. Почетната висина на таксата за фискалната 2025 година е или 250 долари, или сума што ќе ја одреди секретарот за внатрешна безбедност.

Се предвидува оваа такса да биде годишно усогласувана со инфлацијата и да се спроведува преку формален процес на усвојување правила, вклучително и објавување во Федералниот регистар.

Американската Асоцијација за патувања ја критикуваше оваа мерка како „значителен чекор наназад“. Потпретседателот за односи со владини институции, Ерик Хансен, изјави дека „овие дополнителни 250 долари претставуваат финансиска пречка која ќе ги обесхрабри посетителите“. Според нивните проценки, оваа такса ќе ги зголеми почетните трошоци за посета на САД за 144%.

„Иако технички може да се врати, дополнителните компликации и трошоци ќе ги одвратат потенцијалните посетители,“ изјави Хансен.

Оваа нова такса директно ќе влијае и на македонските патници кои аплицираат за неимигрантска виза за САД – туристичка (B1/B2), студентска (F1), деловна и други категории кои не се поврзани со имиграција.

МАКЕДОНСКИТЕ ПАТНИЦИ НЕ СЕ ИЗЗЕМЕНИ ОД ДОПОЛНИТЕЛНИОТ НАДОМЕСТОК

Бидејќи Македонија не е дел од Програмата за укинување на визи (Visa Waiver Program), секој македонски државјанин што сака да патува во САД мора да поднесе барање за виза. Според новата американска регулатива, македонските апликанти ќе треба да платат дополнителна „такса за интегритет на визи“ од најмалку 250 долари, покрај постојната такса за аплицирање (која моментално изнесува околу 185 долари за туристичка виза).

Според информациите досега, новата „такса за интегритет на визи“ од 250 долари ќе се однесува само на новоиздадените неимигрантски визи – тоа значи дека:

Оние што веќе имаат валидна американска виза нема да треба да ја платат оваа такса при влез во САД.

Таксата ќе се наплатува само во моментот на издавање на визата, а не на граница или на аеродром. Значи, ако некој веќе има важечка виза (на пример до 2026 година), нема дополнителен надомест за влез.

При следната апликација за виза, ќе се применува новата такса (доколку во меѓувреме стапи на сила), и тогаш ќе треба да се плати заедно со стандардната апликациска такса.

Министерството за внатрешна безбедност на САД сè уште нема официјално објавено датум на почеток на примената на оваа такса, ниту целосен механизам. Се очекува во наредните месеци тие информации да бидат објавени на официјалната страница на Стејт департментот и на страниците на американските амбасади.

За сега, патниците со веќе издадена виза можат да патуваат без дополнителни трошоци.

Подготви: Н. Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ