домаЖивотЗдравјеДувањето во школка може да помогне кај апнеја во сон

Дувањето во школка може да помогне кај апнеја во сон

Древен ритуал на дување во школка, кој вклучува длабоко вдишување и потоа испуштање воздух во школка во спирална форма, може да помогне во подобрување на сонот кај лица со опструктивна апнеја во сон.

Апнејата во сон е состојба која често се поврзува со гласно ‘рчење или звуци на гушење и давање, и обично се лекува со непријатни апарати како што е CPAP маската. Ново истражување, спроведено од Центарот за нега на срцето и истражувачкиот институт во Џајпур, Индија, покажало дека дувањето во големи школки (како конч или рог школки) може значително да ги намали симптомите без употреба на апарати или лекови.

Во студијата направена од Центарот за нега на срцето- Индија, биле вклучени 30 лица на возраст од 19 до 65 години со дијагностицирана апнеја. Половина од нив биле обучени да дуваат во школка, додека останатите изведувале вежби за длабоко дишење. Сите учесници ги практикувале своите техники по 15 минути, пет дена во неделата. По шест месеци, оние што дуваат во школка биле 34% помалку поспани преку ден, имале повисоко ниво на кислород во крвта за време на ноќта и во просек четири до пет епизоди на апнеја помалку на час.

Според д-р Кришна К. Шарма, кој го водел истражувањето, дувањето создава силни вибрации и отпор на протокот на воздух, што веројатно ги зајакнува мускулите на горните дишни патишта – вклучувајќи го грлото и мекото непце – области кои често колабираат за време на спиењето кај луѓето со апнеја.

Апнејата во сон е нарушување при кое паузите во дишењето или плиткото дишење се појавуваат почесто од нормалното, што може да го спречи телото да добие доволно кислород и да доведе до сериозни здравствени проблеми. Иако машините за позитивен притисок во дишните патишта се ефикасни, тие често се непријатни за користење, што ја отвора можноста за алтернативни методи.

Претходни истражувања откриле дека и свирењето на дрвен дувачки инструмент може да помогне кај оваа состојба. Сепак, експертите предупредуваат дека ова испитување е со мал обем и потребни се поголеми студии за да се потврдат резултатите. Во иднина се планираат обемни испитувања во повеќе болници, а ефектите ќе се споредуваат со други проверени стратегии како ограничување на алкохолот, физичка активност и здрави навики за спиење.

„Апнејата е долгорочна состојба, но со правилна терапија и промени во начинот на живот, пациентите можат значително да го подобрат квалитетот на сонот“, порача д-р Ерика Кенингтон од британската организација Asthma + Lung UK.

Подготви: А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ