Најновото истражување на Националната академија на науки во САД откри нешто што одамна се чувствуваше во воздухот: луѓето погрешно проценуваат што навистина помага во борбата против климатските промени.
Кога ќе се спомене климатска акција, првата асоцијација за многумина е рециклирање или замена на сијалиците со поефикасни. Но токму овие постапки, покажуваат научниците, се најпреценети. Реалноста е дека тие имаат минимален ефект врз емисиите на стакленички гасови, особено ако ги споредиме со летовите со авион, месната исхрана или начинот на кој ги грееме домовите.
И додека компании гордо истакнуваат колку килограми пластика рециклирале, нивните фабрики продолжуваат да испуштаат милиони тони CO₂. Тоа е класичен greenwashing – насочување на јавноста кон симболични, „видливи“ акции, додека вистинските извори на загадување остануваат недопрени.
Кучињата како неочекуван климатски фактор
Можеби најголемото изненадување за јавноста е фактот дека и поседувањето куче спаѓа меѓу најзначајните индивидуални одлуки со климатски ефект. Причината е едноставна: кучињата се месојади, а производството на месо – особено говедското – е еден од најголемите генератори на метан и CO₂.
Но, за ова ретко се зборува. Зошто? Затоа што е непријатно. Полесно е да им кажете на граѓаните да го сортираат пластичниот отпад отколку да дискутирате за нивниот миленик или за следниот лет со авион.
Како што објаснуваат психолозите, ние тежнееме да веруваме во она што можеме да го видиме. Рециклирањето е визуелно: шишето оди во канта. Но емисиите од еден лет – невидливи. Јаглеродниот отпечаток на кучешката храна – апстрактен. И токму затоа, луѓето ги потценуваат најголемите извори на загадување.
Научниците се јасни: најголемите индивидуални придонеси за климата се: избегнување авионски летови, премин на обновлива енергија, како и намалување на месната исхрана – вклучително и храната за миленици.
Сè друго, од поефикасни апарати до ладно перење алишта, е добро, но е маргинално.
Климата нема да ја спасиме со „мали зелени гестови“ што се продаваат во реклами. Време е да признаеме дека реалните решенија се непријатни и бараат промена на навиките – од начинот на кој патуваме, до она што го ставаме во чинија.
Сè друго е само козметика и greenwashing – илузија која не ја разладува планетата, туку совеста.
Н.Доковска

