Во јуни, небото над шумите на Хаваите беше исполнето со илјадници биоразградливи капсули, секоја натоварена со по околу 1.000 комарци. Но тоа не беа обични инсекти, туку лабораториски одгледани мужјаци со бактерија Wolbachia – кои не касаат и чие потомство со дивите женки не може да се изведе.
Овој експеримент носи надеж дека ќе ја запре инвазивната популација на комарци што ја десеткува автохтоната фауна, особено ретките медоносни птици – клучни опрашувачи и симбол на хавајската култура. Од повеќе од 50 видови забележани некогаш, денес преживуваат само 17, а најголем дел од нив се загрозени. Минатата година малата сива ‘akikiki практично исчезна во дивината, а од жолто-зелената ‘akeke‘e се смета дека останале под 100 единки.
Според д-р Крис Фармер од Американското здружение за заштита на птици, најголема закана не е само уништувањето на шумите, туку птичи маларија – болест пренесувана од комарци. Инсектите не се автохтони на Хаваите; донесени се во 1826 година и предизвикале „бранови изумирања“, бидејќи птиците немале имунитет.
Долго време тие успеваа да преживеат високо во планините, каде температурите беа ниски. Но со климатските промени, комарците се селат се повисоко, оставајќи ги птиците без засолниште.
Научниците ја применуваат техниката на инкомпатибилни инсекти (IIT): пуштање мажи комарци со Wolbachia кои создаваат нефертилни јајца. Откако методот беше избран во 2016, започна долготраен процес на тестирање, законски одобрувања и консултации со заедницата.
Од 2022 се одгледуваат милиони комарци во Калифорнија, кои потоа се пуштаат со хеликоптери и дронови на островите Мауи и Кауаи. Денес, неделно се ослободуваат по 500.000 комарци на секој остров.
„Сакаме да постигнеме сооднос 10:1 – наши против диви комарци,“ објаснува Фармер. „Ако успееме, ќе им дадеме време на птиците за опоравување.“
Тешко пристапниот терен и силните ветрови претставуваат голема пречка. Хеликоптерите се скапи и ретки, па затоа се користат дронови со специјално дизајнирани капсули што обезбедуваат температура и заштита за инсектите.
„Ова е првпат во светот дронови да се користат за испуштање комарци во природата,“ вели Адам Нокс од ABC. Предностите се бројни: пониски трошоци, намалени емисии, поголема флексибилност и поголема безбедност.
Резултатите ќе бидат видливи за околу една година. Ако методот успее, Хаваите ќе запишат историски преседан: употреба на биотехнологија и дронови за заштита на екосистеми. Но научниците предупредуваат дека ваквите интервенции треба внимателно да се применуваат, особено таму каде комарците се автохтони.
За сега, надежта е дека овие „тихи армии“ на лабораториски мажи ќе ја прекинат спиралата на изумирање и ќе ја зачуваат уникатната музика на хавајските медоносни птици.
Подготви: Н.Д.

