домаЖивотЗдравјеКако лимонот и водата можат да го променат телото и навиките?

Како лимонот и водата можат да го променат телото и навиките?

Сигурно ја имате слушнато изреката: „Кога животот ќе ти даде лимон – направи лимонада.“ Но, наместо тоа, што ако направите лимонова вода? За разлика од лимонадата која често содржи додаден шеќер, лимонот сам по себе е едно од овошјата со најмалку шеќер и е вистински извор на витамини и антиоксиданси. Богат е со витамин Ц кој го зајакнува имунитетот, а содржи и витамин Б6, калиум, магнезиум и бакар, кои се важни за енергијата и здравјето на срцето. Особено е значајна неговата улога во подобрување на апсорпцијата на железо, со што се намалува ризикот од анемија.

Во една чаша свеж лимонов сок се наоѓаат многу малку калории, малку јаглехидрати и шеќери, а во исто време повеќе од половина од дневната препорачана доза на витамин Ц. Лимонот содржи и растителни соединенија како хесперидин, кој го намалува ризикот од артеросклероза, ериоцитрин со силно антиоксидантно дејство и D-лимонен кој го олеснува варењето и го смирува желудникот. Кога се меша со вода, апсорпцијата на овие хранливи материи е уште подобра, а ако се користи и пулпата од лимонот, влакната дополнително го поддржуваат здравјето на дигестивниот систем.

За приготвување е доволно да се исцеди половина лимон во чаша вода. Најдобро е таа да биде млака или на собна температура за да се сочува витаминот Ц. Вкусот може да се ублажи со додавање на повеќе вода или со нане и ѓумбир, а некои додаваат и куркума или црн пипер за дополнителни ефекти. Шеќерот се препорачува да се избегнува, иако мала количина мед повремено е прифатлива.

Најкорисно е лимоновата вода да се пие наутро, веднаш по будењето, кога телото е благо дехидрирано по неколку часа сон. Витаминот Ц дава свежа енергија, а киселината од лимонот го активира варењето, што особено помага бидејќи со стареењето нивото на желудочна киселина опаѓа. Луѓето кои редовно пијат лимонова вода забележуваат подобра хидратација, полесна дигестија, посилен имунитет и намален ризик од создавање на бубрежни камења, бидејќи цитратите од лимонот можат да спречат нивно формирање или да ги разложат во рана фаза.

Чести се заблудите дека лимоновата вода директно согорува масти или го детоксицира телото. Иако не топи сало на стомакот, може да помогне во намалување на апетитот и забрзување на метаболизмот. Што се однесува до детоксикацијата, таа е природен процес кој го врши црниот дроб, а лимонот индиректно придонесува преку хидратацијата и антиоксидансите.

Лимоновата вода е безбедна за секојдневна употреба, но со умереност. Премногу киселина може да ја оштети забната глеѓ, па затоа се препорачува да се пие со сламка и да се одржува редовна орална хигиена. Со оваа едноставна и природна навика, која е лесна за воведување во секојдневието, може значително да се подобри здравјето и да се создадат поодржливи животни навики.

А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ