домаКолумниОтворено писмо до раководството на СДСМ: Спакувајте ги куферите и заминете засекогаш!!!

Отворено писмо до раководството на СДСМ: Спакувајте ги куферите и заминете засекогаш!!!

Пишува: Наташа Доковска

Секој политички пораз може да биде поука, но само ако има кој да ја научи лекцијата. Во СДСМ, изгледа, одамна нема кој. По секој изборен дебакл, истите лица, истите празни фрази, истите измачени „анализи“ – и, секако, истата ароганција кон членството. Ова повеќе не е партија, ова е затворен клуб на луѓе што одамна заборавиле зошто постојат.

Почитувано раководство, доста беше!!!

Ја претворивте партијата во клуб на политички егоисти кои го издадоа секој идеал за кој се бореше оваа организација. СДСМ некогаш беше надеж, визија и движечка сила на промени. Денес е карикатура на сопствената историја – полна со празни кабинети, лажни насмевки и бесмислени соопштенија.

Не ве порази народот. Се поразивте самите.
Со вашите калкулации, договори зад затворени врати со опонентите, вашите ситни лаги и големи амбиции. Со тоа што од идеја направивте кариера, од идеали – фотелји, а од членството – статистика.

Секој пораз за вас е само нова прилика за патување, по можност до некоја топла дестинација, каде што ќе го анализирате „падот“ со коктел во рака. А дома, на улица, членството се срами да каже дека е дел од СДСМ.

Ова повеќе не е социјалдемократија. Ова е празна школка од која се слуша само ехото на вашите изговори.

Затоа, со целосна искреност и без грам дипломатски финес:
Спакувајте ги куферите и заминете. Засекогаш.
Без конференции, без патетика, без нови „обнови“. Само заминете – со тишината што ѝ доликува на една генерација што ја уништи сопствената партија.

Бихачка не е ваша. Никогаш повеќе не ја заслужувате.
Оставете ја на оние кои сè уште веруваат дека социјалдемократијата може да биде достоинство, а не кариера.

Историјата ќе ве запише, а членството ќе продолжи – без вас, но со идејата дека повторно ќе изгради нешто чесно, исправено и човечко.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ