Меѓународна педофилска мрежа е разбиена во Хрватска со апсење на 29-годишен Хрват кој водел група со над 250 членови. Хрватот е уапсен за повеќекратна сексуална злоупотреба на дете и дистрибуција на материјал за сексуална злоупотреба на деца преку апликации со end-to-end енкрипција.
Во операцијата учествувале службеници од Полициската управа Приморје-Горски Котар и Службата за сајбер безбедност на Полициската управа, во соработка со австралиската полиција и Европол.
Тие разоткриле хрватски државјанин кој е осомничен за повеќекратна сексуална злоупотреба на дете и дистрибуција и управување со материјал за сексуална злоупотреба на деца преку интернет, пренесе Евроњуз.
Ова е обемна и тешка кривична истрага која вклучуваше меѓународна соработка со австралиската полиција и Европол. Постои основано сомнение дека осомничениот од западниот дел на Хрватска, во подолг временски период, сексуално злоупотребувал малолетно женско дете на кое претходно му овозможил пристап до содржина за сексуална злоупотреба. Полицијата го товари и за повеќекратни обвиненија за сексуално вознемирување.
Исто така, се сомнева дека тој организирал и водел група со повеќе од 250 членови од различни земји преку интернет платформи и апликации за пораки со end-to-end енкрипција, во рамките на која членовите разменувале материјали за сексуална злоупотреба на деца.
При пребарување на уреди и медиуми за архивирање се пронајдени повеќе од 250 фотографии и видеа што прикажуваат злоупотреба на деца. Истрагата утврдила дека осомничениот имал сексуално експлицитен контакт со најмалку 20 жртви во Хрватска и околу десетина од странство преку социјалните медиуми и апликациите за разговор.
Полицијата тврди дека комуникацијата со жртвите често се одвивала во нивните домови, понекогаш додека нивните родители биле присутни во истата просторија. Некои деца дури комуницирале со сторителот и за време на училишните часови.
Кривичната истрага е покрената откако австралиската полиција открила корисник кој споделувал материјали за сексуална злоупотреба на деца на онлајн платформа и управувал со група на апликација со end-to-end енкрипција. Податоците потоа биле доставени до хрватската полиција преку Европол, која го идентификувала сторителот во рок од неколку дена и започнала истрага.
Во исто време, хрватската полиција доби известување и од Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца на САД (NCMEC), кој регистрираше дистрибуција на детска порнографија од IP адреса во Хрватска, што дополнително го потврди идентитетот на сторителот.
„Ваквите случаи покажуваат колку е важно возрасните да бидат свесни за опасностите што им се закануваат на децата во дигиталната средина. Заштитата на децата од сексуална злоупотреба и експлоатација е еден од нашите највисоки приоритети“, соопшти полицијата, објавува загрепски „Вечерњи лист“.
Форензичката истрага продолжува за да ги идентификува сите потенцијални жртви и да собере дополнителни дигитални докази.
Полицијата ги повикува родителите и старателите да разговараат со своите деца за нивните онлајн активности и да следат со кого комуницираат. Секое сомневање за злоупотреба или несоодветна комуникација треба веднаш да се пријави во полиција или преку веб-страницата „Црвено копче“, која фунцинора и кај нас, а итни случаи сознанија граѓаните треба веднаш да се пријават на бројот 192. Т.Р.

