Пишува: Наташа Доковска
Локалните избори завршија. Победници има, но вистински гласови – малку.
Излезноста под 40 проценти е најгласната тишина што граѓаните можеа да ја испратат. Да, избравме градоначалници, но не и доверба. Во многу општини, луѓето што ќе управуваат со буџети од милиони евра добија едвај неколку илјади гласови.Тоа не е победа на демократијата. Тоа е нејзина предупредувачка празнина.
ВМРО-ДПМНЕ доминира. СДСМ губи. Помалите партии егзистираат на маргините.
Но сите тие слават нешто што во суштина е празно: власт без вистински мандат.
Кога повеќе од половина избирачи остануваат дома, секоја победа станува релативна. Изборите не ја покажаа моќта на народот, туку немоќта на политичкиот систем да ги мотивира. Се ветуваше истото што се ветува секогаш: улици, асфалт, игралишта, паркови. Никој не зборуваше за загадување, за млади што си заминуваат, за сиромаштија, за јавен превоз.
Никој не зборуваше за доверба.
Кампањите беа бучни, партиските штабови полни, но празни со идеи. Сѐ изгледаше како натпревар кој повеќе ќе нападне, а не кој подобро ќе понуди.
Градоначалник избран со 8 илјади гласови во општина со 50 илјади жители не е лидер на заедницата. Тој е продукт на дисциплинираната партиска машинерија.
Неговата победа е резултат на апатија, не на поддршка.
И тука се гледа најдлабокиот дефект на локалната демократија: имаме избори, но сè помалку избор.
Нов лик на стар систем. Општини со исти проблеми и различни партиски бои.
И чувство дека сè помалку зависи од нив.
Во држава каде што излезноста е 39 проценти, секоја власт е привремена, а секој мандат – сомнителен.
Овие избори не се триумф, туку аларм. Покажаа дека гласачите не се мрзливи – туку разочарани. Не веруваат дека нешто ќе се смени, и затоа молчат. А во таа тишина, најгласни остануваат партиите. Тие победуваат, но државата губи.
И токму тоа е суштината на овие локални избори – власт со малку гласови и многу моќ.

