домаПОЛИТИКАРегионАлбанија забрзано чекори кон ЕУ, додека Северна Македонија останува заглавена пред првиот...

Албанија забрзано чекори кон ЕУ, додека Северна Македонија останува заглавена пред првиот чекор

Албанија денес се движи со рекордно темпо кон Европската унија, оставајќи зад себе години на застои и покажувајќи дека политичката волја и усогласената реформска агенда можат драматично да го променат текот на интеграциите. Кога Еди Рама го започна својот четврти премиерски мандат во септември, тој јасно постави цел – Албанија да стане членка на ЕУ додека тој е уште на функција. Планира преговорите да ги заврши до 2027 година, а целосното членство да го постигне до 2030. Денес, оваа амбиција повеќе не изгледа недостижна.

На 17 ноември во Брисел, заедно со европската комесарка за проширување Марта Кос и данската министерка за европски прашања Маре Бјери, Рама го означи отворањето на последниот кластер во преговорите. Со тоа Албанија го заврши циклусот на отворање и затворање на сите пет преговарачки кластери, процес што вообичаено трае со години, а албанската влада го реализираше за само дванаесет месеци. Според Брисел, земјата успеа да го направи она што пред една година изгледаше невозможно. Марта Кос го нарече денот „посебен и за Албанија и за самата Европска унија“, нагласувајќи дека албанскиот напредок е доказ за трансформативната моќ на политичката посветеност и за инспирација на целиот регион.

Албанската влада останува соочена со сериозни предизвици, особено во борбата против корупцијата, но Европската комисија оцени дека земјата е на добар пат да ги затвори сите преговори до 2027, доколку се задржи тековното темпо. Откако го отвори првиот кластер минатата година, Албанија успеа не само да го затвори токму тој, туку да ги заврши и останатите четири кластери кои ги опфаќаат надворешната политика, внатрешниот пазар, конкурентноста, зелениот развој, инфраструктурното поврзување, земјоделството, рибарството и безбедноста на храната. Овој „метеорски“ напредок ја позиционира земјата како еден од најнапредните кандидати за членство во ЕУ на Западен Балкан.

Оттаму следува финалната фаза – подготвување и ратификација на Договорот за пристапување, процес кој на крајот го отвора патот кон формално членство. Еди Рама во негов стил прокоментира дека кога Албанија конечно ќе стане членка на ЕУ, „ќе ви обезбеди нов и свеж премиер“, алудирајќи на својата долгогодишна политичка улога. Албанија одамна ја постави европската ориентација како свој стратешки избор: стана членка на НАТО во 2009 година, истата година го поднесе барањето за членство во ЕУ, кандидат стана во 2014, а преговорите ги отвори дури во 2022. Денес, три години подоцна, земјата е поблиску до европското семејство отколку кога било.

За разлика од Албанија, Северна Македонија и покрај долгогодишната политичка и јавна поддршка за европските интеграции, се наоѓа во застој. Земјата формално ги започна преговорите паралелно со Албанија во јули 2022 година, но првиот кластер сѐ уште не е отворен, бидејќи процесот е условен со уставни измени што не се изгласани. И додека Албанија ги отвори и затвори сите кластери во една година, Северна Македонија реално не се придвижи напред во преговарачката рамка. Европската унија постојано повторува дека Северна Македонија е подготвена веднаш да продолжи, но без исполнување на условите процесот останува блокиран.

И токму тука е најјасната разлика: Албанија брза, затвора, преговори, напредува и се движи кон реално членство до 2030, додека Северна Македонија стои во место, чека политичко решение и останува исправена пред првиот чекор што не може да го преземе.

Н.Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ