Глобалните вложувања во енергетската транзиција во 2024 година достигнаа историски рекорд од 2.4 трилиони американски долари, што претставува зголемување од 20 проценти во споредба со просечните годишни нивоа во 2022 и 2023 година. Речиси една третина од овој износ била насочена кон технологии за обновлива енергија, со што инвестициите во секторот достигнаа 807 милијарди долари.

И покрај овој значаен резултат, годишниот раст на инвестициите во обновливи извори значително забави: во 2024 година тие пораснале за 7.3 проценти, што е голем пад во споредба со растот од 32 проценти во претходната година. Овие податоци се наведени во новиот извештај „Глобален пејзаж на финансирање на енергетската транзиција 2025“, подготвен од Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) и Climate Policy Initiative (CPI). Извештајот е објавен пред Конференцијата за климатски промени на ОН – COP30 во Белем, Бразил, со цел да го информира глобалниот финансиски дијалог и да ги поддржи националните делегации.
Извештајот укажува дека огромен дел од инвестициите во обновлива енергија, дури 96 проценти, продолжуваат да се слеваат во секторот за електрична енергија. Соларната енергија бележи посебно силен раст: вложувањата во фотоволтаични системи достигнале 554 милијарди долари, што претставува раст од 49 проценти во една година. Истовремено, инвестициите во обновлива електрична енергија, електрични мрежи и батериско складирање во 2024 година го надминале вкупното вложување во фосилни горива, иако вложувањата во фосилниот сектор повторно се зголемуваат.
И покрај глобалниот раст, распределбата на инвестициите останува длабоко нерамномерна. Деведесет проценти од средствата за енергетска транзиција се концентрирани во напредните економии и Кина, додека земјите во развој речиси воопшто не успеваат да привлечат капитал за чиста енергија. Генералниот директор на IRENA, Франческо Ла Камера, предупреди дека светот не се движи со потребното темпо за да ја оствари глобалната цел за утројување на обновливите капацитети до 2030 година. Тој нагласи дека финансирањето мора значително да се зголеми во земјите во развој, особено во контекст на глобалната иницијатива „Од Баку до Белем“ чија цел е мобилизација на 1.3 трилиони долари за енергетска транзиција.
Во извештајот се нагласува и драматичната разлика меѓу економиите. Богатите држави имаат можност да користат сопствени финансиски ресурси, додека земјите со ниски приходи зависат од надворешна поддршка поради ограничениот пристап до капитал, високите каматни стапки, слабите финансиски пазари и зголемената должничка ранливост. Речиси половина од глобалните инвестиции во 2023 година биле обезбедени како кредити, најчесто по пазарни услови, што дополнително ги оптоварува земјите кои ионака се соочуваат со високи долгови. Помалку од 1 процент од финансирањето пристигнало во форма на грантови, што ја покажува ограничената достапност на капитал кој може да ја поттикне трансформацијата без да создава нови долгови.
Ла Камера повтори дека јавните средства мора да се користат „попаметно“, односно да служат како поттик што ќе го активира приватниот сектор преку алатки за намалување на ризикот. Но во услови кога приватните вложувања се движени исклучиво од профитни мотиви, земјите во развој остануваат занемарени. Таму каде што пазарот не инвестира, неопходно е водство од јавниот сектор, засилена меѓународна соработка и значително поголемо климатско финансирање.
Извештајот дополнително истакнува дека инвестициите во производствени капацитети за технологиите на енергетската транзиција остануваат критични, но се силно концентрирани. Кина сама учествува со 80 проценти од сите инвестиции во фабрики за соларни панели, ветерни турбини, батерии и водородни технологии во периодот од 2018 до 2024 година. Сепак, позитивен тренд е појавата на нови фабрики во други земји во развој, што ја проширува енергетската безбедност и отвора нови економски можности.

Вкупното глобално вложување во фабрички капацитети за производство на опрема за соларна, ветерна, батериска и водородна технологија во 2024 година изнесувало 102 милијарди долари – пад од 21 процент. Овој пад е најмногу резултат на падот на инвестициите во производството на соларна опрема. Наспроти тоа, вложувањата во батериски фабрики речиси се удвоија и достигнаа 74 милијарди долари, што ја одразува растечката побарувачка за складирање енергија, електрични возила и дата-центри.
Меѓународните партнерства, директните странски инвестиции, заедничките вложувања и размената на технологија ќе бидат клучни за проширување на производствените капацитети во земјите во развој, вклучително и преку засилена соработка меѓу државите од Глобалниот Југ. Дополнително се потенцира дека потребни се силни политики кои ќе гарантираат дека новите инвестиции се социјално одговорни, еколошки одржливи и дека придобивките од транзицијата се распределуваат правично.
Ф.С.

