Глобалните трошоци за нуклеарно оружје достигнаа историски максимум во 2025 година, при што деветте држави што поседуваат нуклеарни арсенали потрошиле речиси 119 милијарди американски долари за одржување, модернизација и развој на своите нуклеарни програми. Ова го покажува најновиот извештај „Premeditated: Nuclear Weapons Spending in 2025“ на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ICAN).
Во споредба со претходната година, потрошувачката пораснала за дури 19 проценти, односно за 16,8 милијарди долари. Тоа значи дека во просек секоја секунда во текот на 2025 година биле трошени околу 3.768 долари за нуклеарно оружје.
Најголем потрошувач повторно се Соединетите Американски Држави, кои издвоиле 69,2 милијарди долари – повеќе отколку сите останати нуклеарни сили заедно. По нив следуваат Кина со 13,5 милијарди долари и Обединетото Кралство со 12,6 милијарди долари. Во групата нуклеарни држави се и Русија, Франција, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја.
Извештајот предупредува дека ова не е краткорочен тренд. Повеќето држави веќе планираат инвестиции вредни десетици милијарди долари во следните децении, а некои програми за модернизација на нуклеарните сили се проценуваат на повеќе од еден трилион долари. Голем дел од сегашните системи ќе останат оперативни најмалку до 2050 година, а дел и до крајот на векот.
Според ICAN, најмалку 25 големи компании во 2025 година заработиле околу 38 милијарди долари од договори поврзани со нуклеарно оружје, додека вредноста на нивните активни договори надминува 394 милијарди долари. Организацијата укажува и на значителни средства вложени во лобирање кај владите за продолжување на овие програми.
Од друга страна, додека нуклеарните сили ги зголемуваат своите арсенали, 99 држави веќе го потпишале, ратификувале или пристапиле кон Договорот на Обединетите нации за забрана на нуклеарното оружје, со цел негово целосно елиминирање.
ICAN предупредува дека растечките инвестиции во нуклеарно оружје доаѓаат во време кога светот се соочува со климатска криза, сиромаштија, конфликти и недостиг од средства за одржлив развој, поставувајќи го прашањето дали човештвото ги насочува ресурсите кон вистинските приоритети.
ICAN (International Campaign to Abolish Nuclear Weapons) е глобална коалиција на граѓански организации која се залага за целосно укинување на нуклеарното оружје и добитник е на Nobel Peace Prize за мир за 2017 година. ICAN обединува стотици организации од повеќе од 100 држави ширум светот, а од Северна Македонија нејзина партнерска организација и членка е „Новинари за човекови права“.
Н.Доковска

