Светската фудбалска федерација ФИФА отвори истрага против австралискиот ВАР судија Шон Еванс откако телевизиските камери го снимија како прави гест со раката кој дел од јавноста го поврза со симболика на белата надмоќ.
Инцидентот се случил пред натпреварот меѓу Германија и Куракао на Светското првенство 2026, кога во телевизискиот пренос била прикажана ВАР-собата. Во еден момент Еванс погледнал кон камерата и направил превртен „ОК“ знак со палецот и показалецот.
Иако овој знак вообичаено значи „во ред“ или „ОК“, во последните години одредени екстремно десничарски и белосупрематистички групи го користат како симбол „White Power“. Според толкувањата, трите исправени прсти го формираат буквата „W“, а кругот меѓу палецот и показалецот буквата „P“.
Антирасистичката организација FARE соопшти дека гестот „јасно наликува“ на симбол кој се користи во круговите на крајната десница и побара објаснување од судијата.
Од ФИФА потврдија дека се запознаени со случајот и ги разгледуваат снимките, но засега нема донесено одлука за евентуална суспензија или дисциплинска постапка. Еванс, кој беше дел и од Светското првенство во Катар 2022, сè уште не се огласил по повод обвинувањата.
Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи и повторно ја отвори дебатата за расизмот и дискриминацијата во спортот, тема на која ФИФА во последните години посветува особено внимание преку кампањите против расизам и говор на омраза.
Ф.Спировски

