домаЖивотКога е најдобро да ги наводнувате растенијата?

Кога е најдобро да ги наводнувате растенијата?

Многумина сметаат дека најдобро време за полевање на растенијата е рано наутро, но експертите велат дека одговорот зависи од временските услови и начинот на наводнување. Сепак, едно правило е сигурно – никогаш не полевајте во најжешкиот дел од денот.  

Во летните горештини, најдобро е растенијата да се полеваат рано наутро, пред сонцето силно да загрее. Тогаш почвата е поладна, водата побавно испарува и полесно стигнува до коренот, каде што е најпотребна. Освен тоа, листовите имаат време да се исушат во текот на денот, што го намалува ризикот од појава на габични заболувања.  

Доколку не можете да полевате наутро, вечерното наводнување е подобра опција отколку растенијата да останат без вода. Но, треба да се почека температурата значително да се намали, особено за време на топлотни бранови. Важно е водата да не биде премногу ладна, бидејќи може да предизвика стрес кај растенијата.  

Експертите предупредуваат дека полевањето на пладне е најлош избор. Поголемиот дел од водата брзо испарува, а капките на листовите можат да предизвикаат оштетувања од сонцето. Воедно, наглото ладење на прегреаните растенија може да доведе до дополнителен стрес.  

За најдобри резултати, водата насочете ја директно кон почвата и коренот, а не кон листовите. Системите „капка по капка“ се покажале како најефикасни бидејќи обезбедуваат рамномерна влага и помала потрошувачка на вода.  

Совет: Ако не сте сигурни дали растението има потреба од вода, ставете прст неколку сантиметри во почвата. Ако е сува, време е за полевање.
А. Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ