Четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и современ танц“, во организација на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе се одржи од 20 до 26 јуни во Скопје. Во рамките на четирите фестивалски вечери ќе биде претставен широк спектар на танцови форми – од класичен и современ танц, преку џез израз, па сè до експериментален движечки јазик. Покрај тоа, во оф-програмата ќе се одржат семинари по современ танц и класичен балет.
Оваа година фестивалот обединува над сто учесници од четири континенти, а публиката ќе има можност да ги проследи настапите на изведувачи и кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и Македонија. Основната цел на „Credence Dance“ е промоција на новата генерација танчери и кореографи кои се на почетокот на својата кариера. Со тоа фестивалот постанува своевидна ревија на таленти и простор за создавање и споделување на креативни концепти.
Како новина, оваа година ќе се одржи и премиерата на мјузиклот „Авантурата Њујорк“, дело во целосно авторство на македонска екипа и изведувачи, пред сè студенти и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Ова претставува значаен исчекор во афирмацијата на домашната музичко-сценска продукција и збогатување на културниот простор со македонски продукт.
Традиционално, фестивалот ја доделува наградата за трајни вредности во танцот, која оваа година постхумно му се врачи на Марин Црвенов – првенец на Македонскиот народен театар, кореограф и педагог. Тој е запаметен како уметник кој со својата блескава техника, рафиниран настап и уникатен сценски манир ја поврза првата генерација танчери со следните, оставајќи трајна вредност во македонската танцова уметност.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и се одржува во рамките на програмата за одбележување на 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност, под покровителство на претседателката проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова. Претставите ќе се одржат во Националната опера и балет, а влезот за сите четири фестивалски вечери е слободен.

