Турската актерка Ece Irtem, позната по улогите во популарните телевизиски серии „Забрането јаболко“, „Семејство“ и „Шербет од брусница“, почина на 35-годишна возраст, оставајќи зад себе богата актерска кариера и бројни обожаватели низ Турција и регионот.
Веста за нејзината смрт предизвика голема тага кај љубителите на турските серии, а социјалните мрежи беа преплавени со пораки за сочувство и сеќавања на улогите по кои публиката ќе ја памети.
Испратена на последното патување во Кушадаси
Погребната церемонија се одржа на 17 јуни во Кушадаси, каде актерката беше испратена на последното патување во присуство на членовите на семејството, блиски пријатели, колеги и голем број граѓани.
По погребната молитва во џамијата Ханим, ковчегот беше пренесен до гробиштата Адализаде, каде Иртем беше погребана. Присутните ја испратија со долг аплауз, како знак на почит кон нејзиниот живот и уметничка кариера.
Еџе Иртем е родена на 14 јуни 1991 година во Сивас. Дипломирала на Одделот за музика при Yaşar University, насока опера и сценски уметности, а подоцна се усовршувала во актерството во Sadri Alışık Cultural Center.
Телевизиската кариера ја започна во 2014 година со серијата Kaçak Gelinler, по што следуваа бројни ангажмани во успешни телевизиски проекти. Публиката особено ја запамети по улогите во сериите:Бегалки невести“ (Kaçak Gelinler), „Тоа е мојот живот“ (O Hayat Benim), „Прашање на чест“ (Şeref Meselesi), „Нова невеста“ (Yeni Gelin), „Престолнината: Абдулхамид“ (Payitaht Abdülhamid), „Забрането јаболко“ (Yasak Elma), „Семејство“ (Aile).
Во последниот период повторно беше во центарот на вниманието благодарение на улогата на Ишил во серијата Шербет од брусница, Kızılcık Şerbeti, која важи за една од најгледаните турски продукции во последните години.
Според информациите објавени во турските медиуми, актерката починала како последица на срцев удар. Веста дојде само еден ден по нејзиниот 35-ти роденден, што дополнително ја потресе јавноста.
Колеги, пријатели и обожаватели ја опишуваат како талентирана, посветена и харизматична актерка која секогаш внесувала искреност и емоција во своите улоги.
Со своите бројни телевизиски и сценски настапи, Еџе Иртем остави значајна трага во турската актерска сцена и ќе остане запаметена како една од препознатливите актерки на својата генерација.
А.Н.

