Одлуката на Американската царинска и гранична служба (CBP) да издаде наредба за задржување на увозот (Withhold Release Order – WRO) против компанијата Serbia Zijin Copper DOO не е само уште една меѓународна трговска мерка. За нас, кои со години известувавме од Бор и Мајданпек и ги документиравме состојбите на терен, ова претставува потврда на сериозните сомнежи и предупредувања кои постојано беа изнесувани, но најчесто игнорирани од надлежните институции.
Во текот на моите истражувања во источна Србија разговарав со локални жители, активисти, претставници на граѓански организации и лица кои беа запознаени со условите во кои работат странските работници ангажирани во рудниците на Zijin. Во повеќе текстови објавени по посетите на Бор и Мајданпек укажував на сведоштва според кои кинеските работници живееле во изолирани комплекси, работеле во исклучително тешки услови и биле подложени на строга контрола на нивното секојдневие.
Особено загрижувачки беа наводите дека дел од работниците биле донесувани преку нетранспарентни подизведувачки синџири, при што постоеја сериозни сомнежи за можни врски со кинескиот систем на затворски труд или други непрегледни механизми за регрутација на работна сила. Во разговорите со локалното население често се споменуваа ограничувања на движењето, прекувремена работа, постојан надзор и недостаток на независни механизми преку кои работниците би можеле да побараат помош или заштита.
Во тоа време овие информации често беа отфрлани како обиди да се наруши наративот за странските инвестиции и економскиот развој. Наместо темелна истрага, многу од прашањата останаа без одговор. Кои се работниците што доаѓаат во Србија? Под какви услови се регрутирани? Дали нивните права се заштитени? И кој ја контролира работата на компаниите и подизведувачите кои ги ангажираат?
Дополнително загрижува фактот што ниту Србија ниту Северна Македонија досега не ја имаат ратификувано Конвенцијата бр. 176 на Меѓународната организација на трудот за безбедност и здравје при работа во рудниците – еден од најважните меѓународни инструменти за заштита на рударите. Конвенцијата предвидува редовни инспекции, јасно утврдени обврски на работодавачите, право на работниците да пријавуваат небезбедни услови без страв од одмазда и право да ја напуштат работната средина кога постои сериозен ризик по нивниот живот и здравје. Отсуството на нејзина ратификација не значи автоматски дека работниците немаат заштита, но испраќа загрижувачка порака во време кога токму рударскиот сектор е во фокусот на сериозни обвинувања за прекршување на работничките права.
Денес, американските власти наведуваат сериозни индикатори за присилна работа, меѓу кои злоупотреба на ранливоста на работниците, задржување на плати, заплашување, одземање лични документи, ограничување на слободата на движење и прекумерна прекувремена работа. Токму овие елементи со години се појавуваа во сведоштвата кои ги документиравме на терен.
Особено загрижува фактот што меѓународните институции очигледно ги сфатија овие предупредувања посериозно отколку институциите кои имаат обврска да ги штитат работничките права во Србија.
Граѓаните на Бор и Мајданпек веќе долго време ги чувствуваат последиците од интензивната експанзија на рударството. Покрај загадувањето на животната средина и здравствените ризици, прашањата за работничките права и корпоративната одговорност стануваат сè потешки за игнорирање. Најновата одлука на САД покажува дека овие грижи не биле неосновани.
Како новинарка која известуваше за овие теми многу пред да реагираат меѓународните институции, не чувствувам задоволство што предупредувањата се покажаа оправдани. Напротив, останува горчливото сознание дека сведоштвата постоеле, информациите биле достапни, а надлежните институции имале доволно време да ги испитаат наводите и да преземат мерки.
Одлуката на CBP не треба да се гледа како крај на приказната. Таа треба да биде почеток на независна, транспарентна и темелна истрага за условите на труд во рударскиот сектор во Србија, како и потсетник дека економскиот развој никогаш не смее да биде оправдување за кршење на човековите и работничките права.
Наташа Доковска

