На неодамна одржаниот музички фестивал „Канеофест“ во Охрид (30 јуни) во забавната програма посебен впечаток остави дебитантот Божидар Николовски од Битола. Реакциите на публиката и наградата која ја освои, се повод да го претставиме ова убаво и претставително момче, кое за себе открива:
-Јас сум Битолчанец, имам 18 години. Штотуку завршив средно училиште и се запишав на факултет. Музиката беше мојата прва љубов, и мојот сон беше еден ден да бидам пејач, но во тоа време не знаев дали поседувам таков талент за мојот сон да стане реалност.
Поради обврските со училиштето, тој своја а желба ја оставил да тлее длабоко во него.
-На мои 17 години конечно се откри мојот музички талент и јас почнав активно аматерски да се занимавам со музика. Почнав, така што го снимив мојот прв кавер на песната „Осамен” – Трајче Манев, по тој кавер имав неколку настани каде го покажував мојот талент, за еден месец подоцна да снимам уште еден кавер на песната “Битола мој роден крај”. Потоа добив покана од едно битолско здружение да пеам на еден настан каде и ја добив мојата прва музичка награда “Откритие на фестивалот”, открива Божидар.
Тој паралелно со сите снимања и настани активно посетува и часови по соло пеење.
-Потоа дојде „Канеофест 2018“ каде настапив со првата песна која го носи насловот „Да си моја” каде што музиката, текстот и аранжманот го направи Мими Марковски. На моја огромна чест и задоволство на „Канеофест 2018“ добив втора награда од стручното жири, вели младиот дебитант.
Накратко тоа е неговиот досегашен пат во музиката. Но, вреди да се каже дека додека се школувал паралелно бил и волонтер во повеќе невладини организации, зад себе има 5 години волонтерско искуство. Исто така 2 години се занимавал и со новинарство, водел повеќе настани во неговиот град град. На крај додава „Јас сум на самиот почеток во музиката, но цврсто верувам дека на нашето естрадно небо јас имам свое место!“ Ва.Ѓ.