Знаењето е најсилна и најмоќна алатка за напредок на секој поединец и општество во целина. Постојаното негово унапредување треба да претставува основен приоритет. Оттаму, соработката, разменувањето на искуства и создавањето нови модели се основа за создавање нови идеи и ииновации. За насоченоста кон младите луѓе што ќе овозможи доближување на нивните потреби со побарувачката на пазарот, а со цел одржување на развојот и растот во државава, разговаравме со д-р Андријана Богдановска, директор на Центарот за управување со знаење и проектен партнер на Европскиот проект “И3 – Идеи, пронајдоци и иновации”.
Неодамна го завршивте проектот “И3 – Идеи, пронајдоци и иновации”. Во рамките на овој проект двајца македонски иноватори добија признание за најдобри идеи!
–Токму така. Викторија Бежовска и Нино Ристески се македонските иноватори кои во Патрас, Грција и во Драч, Албанија добија прознание за најиновативни идеи во рамките на И3 проектот. Во конкуренција на 50 иноватори од 5 држави, идеите за E3, (ефикасен, еколошки, економичен) велосипед и за пречистување на реките од цврст отпад „Riversave” беа истакнати како најдобри. Пред присутните инвеститори, иноватори и заинтересирани лица, изминативе две години беше истакната важноста на иновациите која како идеја ја носат младите иниватори.
Која беше целта на проектот ?
-Целта беше промовирање на територијалниот развој, соработка и поддршка на конкурентноста во Балканско медитеранската област преку развивање, воспоставување и промовирање на модел за претприемачко учење и трансфер на знаење(идеи, пронајдоци, иновации – И3) и за едукација на студенти и претприемачи. За поттикнување на потенцијалот за претприемништво беа потребни активности за отворање на нови бизнис модели, особено оние кои промовираат иновации и поддршка на интернационализација.
Како се одвиваше проектот во текот на изминатите две години?
–Моделот “И3” служеше како рамка за паметен и одржлив раст. Имаше три главни фази на имплементација: истражување и анализа, создавање на модел и обуки. Сето тоа се реализираше во пет земји низ пет теми, и тоа: Албанија – “Животната средина”, Бугарија – “Начин на живот”, Кипар – “Енергија”, Грција – “Висока технологија” и нашата земја – “Информатичка технологија” (ИТ). Се стремиме Моделот ”И3” да прерасне во препознатлив бренд за промовирање на креативно, иновативно и насочено претприемачко учење меѓу дипломираните студенти и млади претприемачи. Во рамките на проектот одржавме пет обуки и обучивме 250 лица. Спроведовме многу активности насочени кон собирање на податоци за иновативниот потенцијал и активности во одредени сектори во Балканско-медитеранската област. При секоја нова средба во земјата домаќин заеднички беше заклучокот дека и во минатото и денес, но и во иднина, иновациите го движат светот напред.
Кој освен Центарот за управување со знаење беше партнер во проектот?
-“И3” или “Образование за идеи, пронајдоци и иновации” е проект поддржан преку „Interreg BalkanMed“ програмата на Европската унија, која се спроведува во периодот од 2014-2020 година. Овој двегодишен проект го спроведе Конзорциум од 6 организации и институции од 5 земји на Балканско-медитеранската област. Носител на проектот беше бугарскиот Економски форум од Софија. Центарот за управување со знаење е партнер на проектот од страна на Македонија, додека другите партнери се: Association “Committee Italy-Bulgaria 2013” од Бугарија, Technological Education Institute of Western Greece од Грција, Albania Center for Sustainable Development од Албанија и Cyprus International Institute of Management од Кипар. Географски бaлканско-медитеранската област има големо стратегиско геополитичко и економско значење. Сепак, во економска смисла има многу недостатоци. Тоа се однесува на: одливот на кадри, фрагментацијата на пазарот, високата стапка на невработеност како резултат на неконкурентноста на пазарот на работна сила и во голема мерка на ограничените вештини на работната сила.