Со емоции беше исполнет воздухот над Антички театар во неделата навечер кога пред повеќе од 4.000 посетители одекнаа љубовните арии на оперската гала вечер со која свечено беше отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Аплаузите одекнуваа по секоја изведба светски познатата сопранистка Ермонела Јахо и реномираниот американски тенор Чарлс Кастроново, уште една потврдувајќи ја значајноста на фестивалот „Охридско лето“ како исклучителнен културен настан. Публиката не ги штедеше аплаузите за маестралните оперски солисти кои одушевија со емотивните изведби на познати љубовни арии, но и за одличниот Оркестар на Националната опера и балет, под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми.
Потврда за исклучителната вечер со силни вокални изведби и сценска драматичност, беа овациите и бурните аплаузи од преполниот аудиториум на Антички кои изнудија и бис изведби за достојна завршница на концертното свечено отворање на фестивалот.
„Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Преполниот Антички театар, повеќе од 4.000 посетители и распродадените билети две недели однапред се најдобра потврда дека „Охридско лето“ ја има довербата на публиката. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала вечер која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Фестивалот за отворен по традиција, го прогласи покровителот, Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова која потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ кое сè уште живее.
„Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во обраќањето на отворањето истакна дека Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. „Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, рече тој.
Оперскиот првенец Игор Дурловски кој ја испрати уметничката порака на фестивалот посочи дека малите земји имаат посебна улога во културата на светот. Тие, како што рече, не ја црпат нивната сила од големината на територијата или бројот на жители, туку од приказните што ги чуваат, од искуствата што ги преживеале, од начинот на кој можат да придонесат кон големиот разговор на човештвото.
„Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж“, рече оперскиот пејач Дурловски.
Реализирањето на фестивалската програма е со поддршка на покровителот, Претседателот на Р.С. Македонија, Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, како и пријателите на фестивалот, генералниот спонзор А1 Македонија, партнерите и почитувачи и подрржувачи на уметноста и нејзината моќ да инспирира и трансформира. А.Р.

