понеделник, ноември 18, 2024
домаЖивотЗдравјеАспиринот може да ги ублажи, па дури и да ги спречи последиците...

Аспиринот може да ги ублажи, па дури и да ги спречи последиците од срцев удар доколку се земе во ова време

Кога ќе забележите дека некое лице претрпело срцев удар, вашата прва и најважна задача е да повикате брза помош. Под одредени околности, аспиринот исто така може да биде корисен

Во аптеките последниве мeсеци еден од најбараните лекови е аспиринот. Аптекарите велат го пијат сите, и млади и стари, како превенција од ковидот. Но, докторите откриваат кои сѐ својства ги има аспиринот, особено како превенција од инфаркт. Акутниот миокарден инфаркт, односно срцев удар, се јавува кога тромб го блокира протокот на крв во артеријата што го снабдува срцето, односно носи крв, а со тоа и кислород и хранливи материи во срцевиот мускул.

Тромб може да се формира или „заглави“ во кој било дел од разгранетите артерии кои го хранат срцето, а колку е помал тромбот или колку повеќе оди во текот, помалиот дел од срцето ќе биде загрозен. Последица на блокирање на протокот на кислород и хранливи материи до срцевиот мускул е оштетување и смрт на клетките на погодениот дел.

Аспиринот (ацетилсалицилна киселина), еден од најстарите познати лекови, покрај тоа што е познат како лек за ублажување на болката и намалување на температурата, во мали дози ја намалува агрегацијата на тромбоцитите во крвта, односно ја намалува можноста за формирање на тромб и ја „разредува“ крвта, и затоа се препорачува при секундарна превенција од миокарден инфаркт. Ако аспиринот се зема веднаш по појавата на симптомите на срцев удар, тоа ќе ја разреди крвта, ќе спречи понатамошно згрутчување и најверојатно ќе ја намали големината на постојниот тромб во срцето.

Ова го намалува ефектот што овој тромб ќе го остави на срцето. Исто така, се препорачува да се џвака аспиринот затоа што ова ја забрзува неговата апсорпција во крвотокот, а со тоа и нејзиниот ефект.

Треба ли да пиеме аспирин превентивно?
Прво, да ја објасниме разликата помеѓу примарната и секундарната превенција. Примарна превенција значи воопшто да се спречи појава на болест или нарушување. Секундарната превенција значи намалување на последиците што веќе постоечката болест ги има врз организмот – на пр. навремена дијагноза и третман, стратегии за спречување на повторување, релапс, спречување на долгорочни последици.

Апсолутно е прифатено дека аспиринот се користи при секундарна превенција од срцев удар. Мали дози на аспирин (75-100мг / ден) се препишуваат на секој што доживеал срцев удар како превенција од повторлив срцев удар до крајот на животот. Сепак, воведувањето на аспирин како примарна превенција, односно спречување на инфаркт пред било каков срцев настан, е многу контроверзно во научната заедница и се разликува од протокол до протокол.

Кој треба да избегнува аспирин?
Причината за овие дебати е еден изразен несакан ефект на аспиринот, а тоа е зголемениот ризик од крварење, особено во дигестивниот тракт. Затоа, аспиринот треба да го избегнуваат сите лица со зголемен ризик од крварење – историја на крварење во дигестивниот тракт, чиреви, крварење на друго место, возраст над 70 години, намален број на тромбоцити, хронично заболување на бубрезите, долготрајна употреба на разредувачи на крв.

Затоа, постојат препораки дека аспиринот може да биде вклучен во терапијата како примарна превенција само кај луѓе на возраст од 40-70 години со мал ризик од крварење. Но, тоа е секако нешто што лекарите го проценуваат врз основа на различни резултати, и само лекар може да препише аспирин.

И што ако почувствувате симптоми на срцев удар?
Земете аспирин. Ова е случај кога апсолутно се препорачува да се зема аспирин, и во поголеми дози – препораката е 325 мг, но може да земете и таблета од 500 мг, во зависност од тоа кој е производителот. Џвакајте ја таблетата како бонбони. Ова го забрзува дејството на аспиринот и ја зголемува можноста да се намали згрутчувањето на крвта што е формирано.

Пренесено од Е-клиника.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ