домаЖивотЖивотна срединаБехтел и Енка ја копаат иднината: заканата врз вилинското ракче – еден...

Бехтел и Енка ја копаат иднината: заканата врз вилинското ракче – еден ендем, една Македонија

Единственото живеалиште на вилинското ракче во светот е под ризик од ископувањата на Бехтел и Енка – ќе дозволи ли државата да се избрише дел од природното наследство?

Во прилепското село Големо Коњари, во мочурливиот локалитет „Локва“, живее суштество што не постои никаде на друго место во светот – вилинското ракче (Chirocephalus pelagonicus). Малечко, едвај два сантиметри долго, но со огромна биолошка и симболична вредност. Овој реликтен ендем опстојувал илјадници години во солените бари на Пелагонија, сведок на минатото и чувар на биолошката разновидност.

Денес неговата иднина е доведена во прашање. Плановите за ископувања од страна на Бехтел и Енка отворија сериозни сомнежи во јавноста и кај научниците. Според локалното население, копањата не се ограничуваат само на обезбедување материјал за инфраструктурни проекти. Постои сомневање дека под превезот на инфраструктурен развој се кријат интереси за истражување на ураниум и ториум – радиоактивни минерали кои носат сериозен ризик по здравјето, водата, почвата и животната средина.

Доколку овие активности го засегнат локалитетот „Локва“, последиците би биле катастрофални: уништување на единственото живеалиште на вилинското ракче, губење на уште педесетина други видови – од кои шеснаесет се впишани во Европската книга на природни реткости – и целосно нарушување на екосистемот во Пелагонија. Загубата би била неповратна, бидејќи исчезнувањето на овој вид значи исчезнување на единствено генетско и биолошко наследство.

Иако „Локва“ е ставена под режим на строг природен резерват, искуството покажува дека корпорациските интереси често имаат предност пред јавниот интерес и законската заштита. Државата има историска должност: дали ќе ја зачува оваа светска уникатност или ќе ја предаде на багерите?

Вилинското ракче е повеќе од биолошка реткост. Тоа е симбол на прашањето дали Македонија ќе избере пат на заштита на природата и одржлив развој или ќе дозволи краткорочниот профит на корпорациите да ја избрише нашата иднина.

Н. Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ