петок, ноември 8, 2024
домаЖивотСоцијална политикаБенјамин Блекнар: „МЕЃАШИ" прават револуционерни чекори!

Бенјамин Блекнар: „МЕЃАШИ” прават револуционерни чекори!

*Што е Мировно образование? Како Вие го дефинирате тој поим?

-Би рекол дека нема една дефиниција, но кога станува збор за МЕЃАШИ, мислам дека тие сакаат да го дефинираат како работа со училиштата, да ги едуцираш луѓето за сè во врска со мирот. Поважно е дека МЕЃАШИ се обидуваат да го променат образовниот систем, но не од горе кон долу, туку тоа да го направат од дното кон врвот. За почеток со едукација на наставниците, на пример, да работат со училишта, особено со наставници кои се подготвени да учат. Тие се залагаат вистински да го направат тоа, внимателно и квалитетно, што е мошне важен аспект.

*Постои ли некоја личност кој е основач, идеолог на таа идеја?

-Не би рекол дека има еден основач. Ајде да речеме, термините „конфликти“,„трансформација на конфликти“, „решавање на конфликти“ е она што е важно да се разбере и да се работи на тоа. Луѓето и организациите со кои ние работиме, меѓу кои е и МЕЃАШИ не ја дефинираат ситуацијата во смисла „каде нема насилство, само по себе има мир“. Не може да се каже дека каде нема насилство таму автоматски е мирно, бидејќи има и поинаку форми на насилство: директно насилство, физичко насилство, психичко. Ситуација на ненасилство, позитивен концепт и ориентираност кон мирот, тоа е нивната дејност.

*Многу деца и возрасни, исто така, во оваа област сè уште не знаат за Мировно образование. Дали е различно во Германија, воведен е како предмет во формалното образование или има начини да се пристапи и да им се наметне на децата преку некаква форма на неформално образование?

-Во Германија мировното образование постои само како мали проекти кои се спроведуваат различно, на пример, во средно училиште има нешто како справување со конфликти, дури и во градинка, исто така, што е многу практично за секојдневниот живот, би рекол. Во Германија сè е толку распрснато низ федералниот систем, што им остава слобода на секое училиште да го спроведат како тие сакаат. Но, не е толку специфично, како на пример, на начин на којшто МЕЃАШИ се занимаваат во моментов. МЕЃАШИ овде прави многу повеќе да се постигне влијание врз целиот систем. Значи, тоа во Германија повеќе би го нарекол едукација како да се справуваш со конфликти, недоразбирања, меѓу учениците, некаков вид посредување меѓу врсниците, што значи дека учениците се обидуваат, пред сè, самите да се справат со конфликтот на ненасилен начин. Очигледно и МЕЃАШИ работи во таа област, на пример врсничка медијација, што значи ученици од иста возраст да работат на тоа конфликтите меѓусебе да ги надминуваат со заедничко справување. Повторно ќе речам, генерално пристапот на МЕЃАШИ е поинаков и сака да се воспостави на ниво на цела држава, па затоа едуцира наставници како да ги вметнат содржините на мировното образование во образовниот систем. Интересно е, што МЕЃАШИ работат со формалниот образовен систем, но применуваат неформални средства. Тоа значи дека наставниците се здружуваат во амбиент за обука кој е неформален, но тие се врзани за формалниот систем и спојувањето на тие две компоненти се важни за целосната реализација.

*Многу деца не знаат како да се соочат и да се справат со конфликтите, да преговараат, мислат дека агресијата е единствениот начин да одговорат. На која возраст е најдобро да се започне со Мировно образование?

– Тоа е интересно прашање. Во градинка или основно училиште можеби е малку рано. Јас би рекол во средно училиште, кога учениците се повозрасни, а во раната возраст, пак можеби е добро да се имплементира некое образование во смисла на давање насоки за ненасилство или како да се стигне до нешто помирен, ненасилен начин, но не како „Мировно образование“, бидејќи тоа е премногу нагласено. Воедно, ние како организација не можеме да реализираме проект со некои партнери и да го наречеме Мировно образование, ако е во градинка. А, сепак цело време работиме на тоа. Како пример, поддржувавме женски организации во Палестина и тие самите имаа градинки што ги водат, а за нас беше важно да се обидеме да ги обучиме воспитувачките во градинката и со тоа индиректно да направиме нешто за децата. Затоа, јас сметам дека за да ги образоваме децата во таа насока, тие треба да се малку поголеми, да речеме студенти, или барем од 15- 16 години нагоре, тука веќе може да стане збор за подиректно образование.

*Вашата организација „Kurve Wustrow“, сместена во „срцето“ на триаголникот меѓу Хамбург, Хановер и Берлин, има традиција и силни вредности во образованието за мир, а почетоците на работата на Гордана Пирковска Змијанац доаѓаат од таму, преку обуката што ја имала. Можеби тоа ги постави темелите за нивната квалитетна и неуморна работа на правата на децата и мировното образование.

-Всушност, она што го знам за нејзиното искуство таму, е она што таа ми кажала, тогаш, во 1993 или 1994 година јас не бев во организацијата. Но, она што ми кажа е дека запознала и други активисти од различни земји со кои се здружиле, се образовале, добиле обука и можеби инспирација, дух на солидарност, по што вие веќе можете да направите промени во вашата земја, ако сакате. Имам чувство дека најважно за неа е што сфатила дека може да биде поддржана однадвор, од други луѓе кои прават слични работи или се во слична ситуација. Во тоа време, веројатно тоа не беше толку специфична обука за Мировно образование, туку беше едукација за градење мир и трансформација на конфликт.

*Опишете нѝ ја малку повеќе вашата организација.

-Тоа е организација која не отсекогаш барала меѓународен контекст, така што истакнувам дека на почеток нејзините основачи се занимаваа со еколошки активизам, мировен активизам… Организацијата во ʼ80-тите години, ја основаа неколку активисти, како центар за обука на луѓе за ненасилна акција, да одат на демонстрации, да станат активни, да ги зајакнат луѓето локално во ситуација на локален конфликт. А, во текот на 1980-1990 година, организацијата стана многу повеќе вклучена со меѓународните партнери, пред сè, најмногу со балканските партнери. Сега работиме во десетина земји, не само на Балканот, туку и во Израел, Палестина, исто така, во Непал, Шри Ланка и во Мјанмар, што е многу тешко. Во организацијата работат околу 25 луѓе, но имаме уште 20 вработени кои за неа работаат во странство, како мене.

*Треба да бидете поттикнати од длабоки уверувања во мировното образование за да ја напуштите комоцијата на сопствената земја и да дојдете да работите тука. Задоволен сте од постигнатиот резултат?

-Мојата работа овде е да ги правам годишните планирања, да се обидам да ги олеснам работите, да дадам насоки, но тоа само од некоја надворешна перспектива. Се разбира, понекогаш вклучува и административни работи или поиндиректна помош. Ние ги добиваме средствата од Германското министерство за развојни работи и само помагаме да се канализираат овде, но не кажуваме директно:„Ве молиме, направете го ова ова и ова“, туку оставаме на организациите. Некогаш, исто така, им нудиме одредени едукации или одреден тренинг и во Германија, некогаш тренинзите ги спроведуваме овде, некогаш и јас предавам, некогаш поканувам некои експерти на некои одредени теми итн. И за овие неколку години, во кои работам на Балканот, резултатите на нашите партнери, во одреден степен се и резултат на мојот сопствен придонес, би рекол, во она што е постигнато во МЕЃАШИ, но и во други организации во Тетово и Прилеп… Некои реузлтати се сосема извонредни, направени се некои огромни чекори, така што, задоволен сум. Апсолутно.

*На кој начин Вие сега ги помагате и соработувате? Понекогаш правите јавни настани како поддршка или не?

-Ги поддржуваме настаните кои ги прават нашите партнери, но нашата организација никогаш не ја промовираме во јавноста преку директни настани, затоа што мислиме дека тоа ја одзема видливоста на нашите партнери. За нас е најважно да ги зајакнеме локалните партнери овде најдобро што можеме, а настаните ги спроведуваат тие самите.

*Какви карактеристики би му дале на творештвото на МЕЃАШИ денес, по 30 години постоење?

– Во врска со мировното образование, на пример, тимот на оваа Амбасада воспостави поблиски релации со Министерството за образование, што претставува огромен чекор. Навистина, многу уникатен проект што никогаш не сум го видел никаде на друго место е тоа што МЕЃАШИ ги покани вработените од Министерството на сопствени обуки и не само како гледачи и да седат настрана, туку и нив ги вклучи во тренинзите. Можеби е премногу да се каже, но мислам дека е прилично револуционерно. Тоа е огромен фактор за успехот. Тие активно посегнуваат по вработените во Министерството, да ги покануваат, да одат на обуките и самите да се едуцираат. Огромен чекор. Пред неколку години никој не мислеше дека е можно невладина организација и Министерството за образование да бидат блиски соработници и сојузници, што е извонредно и функционира. Се разбира, не е сè едноставно и лесно, но подобро е да станете тим и нешто заедничко да се преземе. Потребна е голема храброст да се работи со толку различни структури. Имам голема почит кон тимот.

*Имате завршено политички науки. Целта на политиката е развој на општеството и развој на меѓучовечките односи, но знаеме дека таа неретко и се злоупотребува. Некои политики се создадени да ја донесат идејата за мир. Дали децата треба од мали да бидат запознаени со случувањата во политиката (на локално и глобално ниво) за полесно да се справуваат или да бидат сосема настрана од неа?

-Прашувате дали децата треба да се вклучат во политиката? Тенка е линијата, дали во политика или да се политизираат. Политизирање е веќе негативната конотација, тоа значи дека децата ќе се индоктринираат во неа уште од мали нозе. Би рекол дека е многу негативно, се разбира, од друга страна е добро да се учи за општеството и да се учи за политика и тоа е важно. Не би рекол дека децата треба да се вклучат, да речеме преку партиска политика, но мислам дека е важно децата да бидат свесни за сопственото општество. И она што мислам дека е многу важно, децата да се поттикнуваат да прашуваат и да размислуваат критички, сами да го развиваат умот, да речеме, да осознаваат за работи за кои возрасните размислуваат, но и самите да одлучуваат.

*Мировното образование, најкусо речено, нè учи на мир по секоја цена, а е против насилството. Тоа треба да биде искуство, не само теорија и да нè придвижи сите да работиме на тоа. Која е нашата одговорност, на повозрасните, што можеме ние да направиме за мировното образование?

-Само да ги оставиме децата слободни, да се развиваат себеси и својот ум, но и да научат да живеат според одредени вредности на толеранција, на прифаќање други луѓе, да прифатат некој што има можеби различна религија, различен јазик, различно појавување и претставување, дајте ѝм до знаење на децата дека тоа се само разлики, но дека се согласувате со тоа, дека не треба премногу да ја нагласуваат својата љубопитност и страв од нешто што е различно. Треба да ги научиме да станат свесни без да се плашат и без да ги дискриминираат луѓето. Тоа е нешто што возрасните можат да го направат, да ги поттикнат, а децата да се огледаат на нив.

*И, за крај, дали е можеби подобро за нивната иднина, наместо постојано да ги учиме децата дека треба да стануваат лидери, победници, првенци, шампиони, да стануваат миротворци?

-Морам апсолутно да се согласам. Тоа е многу важна точка која мора да ја покренеме, да станат миротворци, наместо постојано да ги учиме да станат лидери, победници и шампиони. Исто така, мислам дека е на некој начин во природата на човекот да се натпреваруваш и да си во конкуренција еден со друг. Секогаш има некој вид натпревар и во училиштето, од почеток, сè до добивање диплома, не можеме да го промениме тој дел од општеството. Но, да се создава голема конкуренција кај децата од мали нозе и да се назначува прашањето „кој е победник, кој е најдобар овде, кој е лидер овде?“, би рекол дека тоа е нешто што треба да се избегне. Така што, во ред е да има некои настани со натпреварувачки карактер, но тие да не се премногу засновани на конкуренција.
Не е лошо ако, на пример, имате група деца од различно потекло, имате мешани тимови, и во исто време тие се натпреваруваат едни против други, во некој спорт или некоја дисциплина, на крај ќе имате еден победник, но сепак тие цело време се во заедништво. Се дружат, поминуваат време заедно, се фотографираат. Ги надминале разликите, културните разлики и другите стереотипи, учат едни од други, разменуваат идеи, минуваат време заедно.

Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022
Монографијата можете да ја прочитате тука.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ