Пишува: Сунчица Уневска
Денеска (15 февруари) се отвора 74. издание на годинешниот Берлински филмски фестивал, придружен со доста политички турбуленции, но со силна решителност да ги задржи своите темелни демократски принципи, а особено да ѝ даде глас на помалку запоставената независна кинематографија (особено кога се работи за дистрибуцијата и кинопосетителите, но и за филмските фестивали, кои сè повеќе се приклонуваат кон меинстримот и ѕвездите што ја привлекуваат широката публика).
Фестивалот ќе го отвори ирски филм, кој иако исто така има ѕвезди, сепак, ја предводи годинешната компетиција со една наклоност кон поинакви, тешки и провокативни приказни, што нè тераат да се соочиме со минатото, но и со себе. Се работи за филмот „Како овие мали нешта“ во режија на Тим Милантс, во кој играат: Килијан Марфи, Керан Хиндс, Мишел Фарли, Емили Вотсон. Тоа е филм направен според историскиот роман на Клер Киган, кој беше номиниран за Букеровата награда, кој беше прогласен за најдобар ирски роман на годината, а доби и награда за најдобар ирски роман објавен во Франција.
Дејствието на филмот е сместено во 1985 година кога двајца пријатели ќе откријат строго чувани шокантни тајни за еден локален манастир. Килијан Марфи, како што самиот изјавува, е обожавател на романите на Клер Киган и тој бил дел од иницијаторите за снимање на овој филм, каде што ќе успее да го привлече и Мет Дејмон како еден од продуцентите.
Но, она што е особено интересно уште пред почнување на фестивалот беше ангажираноста на управата на Берлинале да не дозволи никаков политички екстремизам, ниту пак погазување на принципите кои тие ги градат со години. Така, на само неколку дена пред почнувањето тие им ги откажаа поканите на петмина политичари од познатата десничарска екстремистичка странка (AFD), порачувајќи дека фестивалот е против сите облици на екстремизам.
Инаку, годинава во главната програма, односно во трка за „Златна и Сребрена мечка“ се 20 филма, кои доаѓаат од многу различни страни на светот. Меѓу нив има шест жени-режiсери, има девет автори што веќе биле на Берлинале, од кои дури шестмина имаат освојувано и награди. Така, тука е познатиот автор од Мавританија, Абдераман Сисако, кој го освои светот со филмот „Тимбукту“, а во Берлин годинава ќе одржи и предавање на „Берлинале талентс“. Тој доаѓа со филмот „Црн чај“ каде што, освен за љубовта, зборува и за двете култури, африканската и кинеската и за сето она со кое неговите протагонисти мора да се соочат кога зборуваме за минатото и за товарот што сите ние на различни начини го носиме.
Во компетиција годинава има и две дебија, но и два документарни филма. Едниот од нив е на рускиот автор Виктор Косаковски, но направен во германска продукција. Филмот носи наслов „Архитектон“, а она што е интересно е што својот фокус го става на тоа како изградбата на згради од античкото минато, всушност, го откриваат нашето уништување. Со други зборови, во неговиот центар на внимание е подемот и падот на цивилизациите, односно величественоста и глупавоста на човештвото.
Многу смел е и вториот документарец на режисерката Мати Диоп од Сенегал, која му припаѓа на новиот бран на африканската култура. Таа слично како и претходниот документарен филм, зборува за враќањето на сликите односно на загубениот имиџ, кога 26 кралски богатства од Кралството Дахомеј ќе треба да бидат вратени во Републиката Бенин. Диоп ги доведува во прашање деградирачките колонијални претставувања, обидувајќи се да зборува за новите херои. Во трка се и филмови на познатите француски автори, Оливие Асаја и Бруно Думон, па на германскиот Андреас Дрезен (кој направи бум со „Рабие Курназ против Џорџ Буш“), но и на авторот од Јужна Кореја, Хонг Сангсо, кој е познат по своите извонредни приказни за жените.
Инаку, и Австрија доаѓа со исклучително необичен филм, поместен во 18 век и базиран на историски судски записи за еден шокантен и досега неистражен дел од европската историја. Филмот се вика „Бањата на ѓаволот“ и прави длабоко релогиозен и вознемирувачки психолошки портрет на една жена. Би ја споменала уште Мерием Јобур од Тунис, чиј дебитантски филм „На кого му припаѓам“ зборува за пророштва, за една растечка темнина во заедница во северен Тунис, но и за мајчинската љубов и нејзината борба за своето семејство. Дефинитивно многу интересни, психолошки, семејни и љубовни приказни, но и историски и релогиозни, приказни чии соочувања носат многу изненадувања и неверојатни откритија.
Така што, се чини, дека жирито годинава ќе има доста тешка работа. А на 74. издание претседателка на жирито повторно е една млада авторка, Лупита Нионго, која ретко сме ја гледале во оваа улога, иако таа важи за сестран автор, режисер, продуцент, актерка, па дури и писателка на книга за деца која беше на листата на бестселери на „Њујорк Тајмс“. Во седумчелното жири се и германскиот и шпанскиот режисер, Кристијан Пецолд и Алберт Сера, како и италијанската актерка Јасмина Тринка. А во склоп на темите кои фестивалот годинава ги преферира, се и темите на кои ќе се осврнат предавачите на „Берлинале талентс“, меѓу кои ќе бидат и Мартин Скорсезе, годинашен добитник на „Златна мечка“ за животно дело, како и Тсаи Минг Лианг, а тоа се прашањата за јазикот и разбирањето, односно за „Заедничките јазици – зборувајќи на јазикот на филмот“.