понеделник, јуни 17, 2024
домаБогата годишна програма на Националната галерија

Богата годишна програма на Националната галерија

Националната галерија најави плодна културна програма за 2022 година која ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Како што посочи директорката на Националната галерија д-р Дита Старова Ќерими, март со својот календар донесе две вонпрограмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“ по повод Меѓународниот ден на жената, а со вториот настан, во соработка со Францускиот институт од Скопје, се придружуваме кон одбележувањето на Денот на Франкофонијата. И во давата проекти беа/се претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.

Мартовската програма продолжува со претставување на убавините на една не така далечна земја, лулка на историјата, културата и модата, од 28 март до 21 април во Чифте амам е изложба на фотографии од Архивот Алинари, Италија насловена „Убавините на Италија“. На следниот линк може да ја погледнете комплетната листа на фотографии што се вклучени во патувачката изложба: https://we.tl/t-XKl8SuK1yJ . Во прилог и видео со еден дел од фотографиите, за влез треба да ја внесете лозинката mae: https://vimeo.com/468056840 .

На 23 април во Венеција, Италија на 59. Венециско биенале, ќе биде претставен проектот “Landscape experience” на Роберт Јанкулоски и соработничката Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, а избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 59. Уметничко биенале во Венеција. Комесар на македонскиот павилјон е д-р Дита Старова Ќерими, а кураторки се Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов.

Овој април, месец на прифаќање на аутизмот, Националната галерија продолжува со напори да ја шири свеста, да промовира прифаќање и да ги направи промените со работилници за социјална инклузија, подигнување на свеста во борба со аутизмот за ученици со различен спектар на аутистични нарушувања и другарчиња од редовниот курикулум. Работилниците ќе се реализираат во природа. Едукатор е Маја Димитрова. На 29 април во Даут пашин амам ќе се одбележи крајот на едукативната наградна игра за деца од основни училишта „Лавиринт на уметноста 2“ која ќе трае цел април.  Едукатор е Ацо Таневски.

Од 5 мај до 31 јули во Даут пашин амам ќе има ретроспективна изложба на Димитар Кондовски.  Куратор е Емил Алексиев, кустоси соработници Александра Зиновски Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски.

На 27 мај во Мала станица е 13. Младински пролетен салон, Традиционална републичка едукативна манифестација која заради акуелната пандемија имаше прекин во траење од две години. Темата на Салонот оваа година е „Флора и фауна“. Едукатор е Ацо Таневски.

Во периодот мај – јуни во Даут пашин амам ќе се случува Годишната изложба на основни училишта – едукативен проект непосредно врзан со творештвото на македонските автори кои ги претставуваме низ ретроспективен опус. Оваа година тие ќе имаат можност да работат според творештвото на великанот Димитар Кондовски. Едукатор, Маја Димитрова.

Во јуни во Чифте амам ќе има самостојна изложба на Свјетлан Јунаковиќ, уметник од Хрватска во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. Куратор, виш кустос Ана Франговска.

Од 7 до 30 јули во Чифте амам ќе се случува „Пресек“, самостојна изложба на Иванчо Талевски, куратор Горанчо Ѓорѓиевски.

Од 4 август – 4 септември во Чифте амам е изложбата „Трилогија“ на Дриант Зенели (1983 година, Скадар, Албанија), кој живее меѓу Милано и Тирана. Проектот кој ќе се претстави во Чифте амам е пресек на трилогијата на Зенели насловен Beneath the surface there is another Surface (Под површината има уште една површина) кој се состои од три видео дела, цртежи, објекти и камења. Куратор, виш кустос Ана Франговска.

Од 4 – 24 септември во Чифте амам ќе има самостојна изложба на Кирил Геговски. На оваа изложба покрај краткиот приказ на неговите претходни дела главен акцент ќе биде ставен на дела кои се создавани последните 3-4 години. Куратор Горанчо Ѓорѓиевски

Од 28 септември – 28 октомври во Чифте амам е јубилејната изложба „Миле Корубин, 100 години од раѓање“. Куратори, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова, и виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска.

Во доменот на меѓународната соработка, во октомври ќе има гостување во КИЦ Тирана, Албанија со изложба на акварели од Колекцијата на Националната галерија. Куратор Елена Иванова.

Во периодот октомври-ноември во Даут пашин амам ќе има ретроспективна изложба на Илија Аџиевски, еден од најзначајните современи македонски скулптори. Куратор, виш кустос Ана Франговска.

Во ноември во Мала станица е предвидена изложба на уметничката група XXL од Бугарија. Членови се уметниците Генадиј Гатев, Хубен Черкелов, Свилен Стефанов, Косио Минчев, Георги Тушев, Иван Кјуранов, Расим, Петко Дурман, Димитар Јаранов и Росен Тошев. Куратор Горанчо Ѓорѓиевски.

Во ноември во Чифте амам ќе има ретроспективна изложба на Теофил Шулајковски Тофе, куратор, виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска.

Во декември во Чифте амам е предвидена изложба на жанр сцени од Колекцијата на Националната галерија. Преку оваа тематска изложба, се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Национална галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. Куратор Елена Ивановa.

Во декември во Мала станица е предвиден настанот истражување, изложба и монографија „Уметноста на движечки слики во Република Северна Македонија“. Куратор, виш кустос Ана Франговска.

Во период декември 2022/ јануари 2023 во Даут пашин амам е предвидено „Ликовното творештво на Анета Светиева“. Куратор, Викторија Васева Димеска, соработници: Маја Неделкоска-Брзанова, виш кустос и Татјана Бундалевска, кустос .

Во декември во Чифте амам ќе се ќе се одржи самостојната „Јубилеј 30 години творештво на Нехат Беќири“. Уметникот на оваа јубилејна изложба ќе се престави со слики изработени во техника акрилик на платно во големи димензии, како и инсталации во простор. Неговите слики се полни со живост и впечатлив колорит кој плени. Куратор, виш кустос Маја Крстевска.

На 3 декември во Чифте амам е предвиден настанот Социјална инклузија по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Како што посочија од Националната галерија, покрај проектите од областа на ликовната дејност, ќе се спроведат активности и од издавачката, музејската дејност и заштита на културното наследство. Од издавачка дејност предвидена е публикацијата „Од ризницата на Националната галерија“, односно изготвување на репрезентативно издание кое сеопфатно ќе ја претстави Колекцијата на НУ Национална галерија на Р.С.Македонија. Носители на проектот, виш кустос Славица Алексоска, Виш кустос Маја Неделкоска Брзанова, виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска.

Од музејска дејност и заштита на културното наследство предвидени се конзерваторско-реставраторски работи на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен куќата на Лазар Личеноски. Конзерваторско-реставраторскиот проект ќе биде реализиран во неколку фази. Во првата фаза, оваа година, се планира да бидат конзервирани 20 ликовни дела (слики и цртежи). Процесот на конзервација и реставрација ќе го извршува стручен тим од Националната галерија и надворешни соработници. Раководители на проектот: Славица Алексоска, виш кустос, Ема Петрова Николова, советник-конзерватор.

Предвидена е и капиталната инвестиција за реконструкција на мултимедијалниот објект Мала станица која ќе ја реализира Министерството за култура. На почетокот од 2022 г. е направена и презентирана анализа од Институтот ЗИМ околу претходните градежни зафати и интервенции при реконструкција на зградата. Покрај овие истражувања дополнително се работи на електро-техничките и машинските истражувања како и нацрт предлози во делот на архитектонски решенија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ