домаБритански научници истражуваат комбинирање на различни вакцини за корона

Британски научници истражуваат комбинирање на различни вакцини за корона

Во Велика Британија е започната студија за да се утврди дали функционира издавањето на различни вакцини за коронавирус за првата и втората доза, пишува „Би-Би-Си“.

Идејата е да се обезбеди поголема флексибилност при воведување на вакцини и помош во решавање на какви било потенцијални пречки во снабдувањето. Научниците велат дека е можно новиот пристап да обезбеди подобра заштита отколку две дози од иста вакцина.

Тековните упатства велат дека некој што веќе добил на пример вакцина на „Фајзер / БиоНТек“ треба да ја прими истата и во втората доза. Во многу ретки околности, може да се користи поинаква вакцина – ако е достапна само една вакцина или не е познато која е дадена за првата доза.

Научниците веруваат дека новиот пристап може да се покаже корисен. Така, некои програми за имунизација од ебола вклучуваат мешање на различни вакцини за да се подобри заштитата.

Во истражувањето ќе бидат вклучени над 800 волонтери постари од 50 години. Некои ќе бидат вакцинирани со вакцина на „Оксфорд / АстраЗенека“, а други со „ Фајзер / БиоНТек“ или обратно во интервали од 4 или 12 недели. Други вакцини може да се додадат во студијата доколку се одобрени од регулаторите.

Научниците ќе ги следат волонтерите за несакани ефекти и внимателно ќе ги следат крвните тестови за да ја видат реакцијата на нивниот имунолошки систем. Иако целосната студија ќе продолжи 13 месеци, научниците се надеваат дека ќе можат да објават некои првични откритија до јуни оваа година. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ