четврток, декември 19, 2024
домаНасловнаБројот на заразени со коронавирус во светот е на прагот од 50...

Бројот на заразени со коронавирус во светот е на прагот од 50 милиони

Бројот на заразени со коронавирус во светот во недела е на прагот од 50 милиони, а најпогодениот регион е Европа, која ја надмина Латинска Америка. Во моментов има 49.975.746 заразени во светот, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс. САД имаат најмногу инфекции, скоро десет милиони, следени од Индија, Бразил и Русија.

САД, со околу 20 проценти од случаите на глобално ниво, се соочуваат со голем пораст на инфекции и во просек имаат над 100.000 нови инфекции на ден во изминатата недела. Рекордни 130.000 случаи се пријавени во саботата. Големото зголемување на бројот на нови инфекции временски се совпаѓа со последниот месец од претседателската кампања на Доналд Трамп, кој го минимизираше ризикот од пандемија, додека неговиот противкандидат, изборниот победник Џо Бајден, пристапи многу попретпазливо.

Митинзите на Трамп, со малку маски и физичко растојание, доведоа до 30.000 дополнителни потврдени случаи на инфекција и веројатно до околу 700 смртни случаи, проценува економист од Универзитетот Стенфорд.

На светско ниво, 1,25 милиони луѓе починаа од последици на коронавирус, повторно најмногу во САД, проследено со Бразил, Индија и Мексико. Вториот бран на пандемијата во последните 30 дена претставува четвртина од вкупниот глобален број. Октомври е далеку најлошиот месец од пандемијата во која САД први објавија повеќе од 100.000 случаи на ден, а во Европа бројките продолжија нагло да растат.

Болеста се шири со молскавична брзина во последно време. Потребни беа 32 дена за бројот да се искачи од 30 на 40 милиони, а потоа 21 ден да се искачи од 40 на скоро 50 милиони.

Европа силно погодена

Со околу 12 милиони случаи, Европа е најпогодениот регион и ја надмина Латинска Америка. Европа има 24 проценти смртни случаи. Во Европа, Франција има најмногу случаи по Русија, а во последните 7 дена таму бројот расте во просек за 54.440 случаи на ден. Вториот глобален бран ги тестира здравствените системи низ цела Европа и ги принуди Франција, Германија и Русија да ги стават во карантин своите жители.

Во Франција, регистрирани се повеќе од 40.000 смртни случаи од почетокот на пандемијата како резултат на ковид-19, објавија во саботата здравствените власти. Според податоците од саботата, во таа земја имало најмалку 40.169 смртни случаи. Во меѓувреме, францускиот парламент ја одобри одредбата за продолжување на вонредните мерки наметнати поради пандемијата.

Итните мерки треба да останат на сила до 16 февруари. Вонредната состојба и дозволува на владата да спроведе рестриктивни мерки со декрет. Во моментов, тоа значи строг полициски час во Париз и во осум други француски градови помеѓу 21 и 6 часот наутро. За тоа време, на жителите им е дозволено да ги напуштат своите домови само доколку имаат валидна причина за тоа.

Германија забележа повеќе од 16.000 нови инфекции во неделата, Чешка над 7.700 и Русија над 20.000. Бројот на лица заразени со коронавирус во Германија се зголеми за 16.017 на 658.505 во неделата, покажуваат податоците на институтот Роберт Кох. Бројот на починати се зголеми за 63, на вкупно 11.289.

Чешка има 7.722 нови случаи за 24 часа во неделата, и по трет пат овој месец е под десет илјади новозаболени, според Министерството за здравство. Вкупниот број на новоинфицирани од почетокот на пандемијата во таа земја со 10,7 милиони жители е 411.220. Министерството за здравство исто така објави дека се пријавени 155 нови смртни случаи. Вкупно 4.681 лице почина во земјата.

Земјата се соочи со едно од најголемите зголемувања на бројот на заразени лица по глава на жител во последните неколку недели, вклучително и рекорден дневен број на заразени лица со над 15.000 лица на 4 ноември, иако чешките здравствени власти соопштија во петокот дека тоа може да се заостанати случаи. Тие додаваат дека болниците се уште се пренатрупани и бројот на заразени и хоспитализирани меѓу поранливата група постари граѓани расте.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 во Чешка е најголем во Европа во последните неколку недели.

Русија во неделата објави 20.498 нови случаи на коронавирус, нешто помалку од рекордното високо во петокот, кога имаше и 286 смртни случаи поврзани со коронавирус. Од почетокот на пандемијата, земјата има 1.774.334 случаи на инфекција, а официјалниот број на смртни случаи од ефектите на ковид-19 е 30.537.

Португалија ќе воведе полициски час по региони од понеделник, бидејќи бројот на случаи на инфекција достигна рекордно високо ниво, рече во неделата наутро премиерот Антонио Коста. Полицискиот час ќе се одвива од 23 часот до 6 часот наутро и ќе се применува од понеделник во 121 од 308 општини во земјата, вклучувајќи ги Лисабон и Порто. Прогласена е 15-дневна вонредна состојба низ целата земја.

Коста исто така најави дека жителите нема да смеат да ги напуштаат своите домови во наредните два викенда, во сабота и недела помеѓу 13 и 5 часот наутро. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ