петок, декември 20, 2024
домаКујнаАНДРЕА НАКОВА: "Готвиме со Андреа" станува се повлијателен пример на инстаграм!

АНДРЕА НАКОВА: “Готвиме со Андреа” станува се повлијателен пример на инстаграм!

Андреа е млада и успешна студентка од Скопје, активна во проекти поврзани со човековите права, а она што е нејзин плус знак на препознатливост се и нејзините инстаграм сесии на готвење, кои стануваат се попопуларни. Добар пример доаѓа од страна на млада и вредна девојка.

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

ТЕХТ.МК: Кукинг инфлуенсерка е еден вид нов термин, кој треба да ни објасните што всушност значи. Како се одлучивте за овој предизвик?

НАКОВА: Сметам дека до инфлуенстерство, или по нашки, влијателност, имам уште многу фурни леб за печење, хаха. Сепак, искрено се радувам кога некому сум му инспирација да зготви нешто по рецепт кој сум го смислила или споделила. Приказната на Cooking with Andrea започна за време на ланскиот карантин, зголеменото слободно време во домашни услови и поддршката од најблиските. Честото барање на рецепти од страна на пријателите на фотки споделувани на личниот профил, разбуди желба за еден виртуелен ‘тефтер на рецепти’ кој ќе ги зачува сите мои идеи и експерименти во кујната.

ТЕХТ.МК: Да се готви пред камера е храброст би рекла, кога кај нас навистина жените готват одличн,о а и мажите. Ве фаќаше ли трема на почеток на каков прием ќе наиде вашето готвење пред инста камерата?

НАКОВА: Не би рекла дека имав трема, можеби поради немањето на било какви очекувања. Социјалните медиуми му дозволуваат секому да го искаже својот коментар, мислење, предлог. Инстаграм заедницата на профили за готвење – било аматерски или професионално – е во постојан пораст што особено ме радува. На секој од овие профили сум нашла рецепт што сум го пробала, ме инспирирал, или сум го зачувала да го испробам во иднина.

ТЕХТ.МК: Динамиката на кукинг инфлуенсерството е поинаква отколку на модното или рекламирачкото. Тука веќе станува збор за лична вештина која е изложена на јавна оценка. Брзо ли се ширеше кругот на следбеници, како дознава за Вас?

НАКОВА: Имајќи предвид дека профилот ми е отворен за забава, навистина не обрнувам внимание на бројот на следбеници. Ми значи секој коментар, секоја приватна порака, секој комплимент. Го ценам секој кој одвојува време од денот да погледне што сум споделила, да прочита што сум напишала, и размени мислење.

ТЕХТ.МК: Какви рецепти готвите најчесто ? Тоа е она што младите сакаат, брза храна, или традиционални рецепти?

НАКОВА:Имајќи го предвид брзото темпо на живот во секојдневието, за мене се неизбежни брзите рецепти, едноставни, вкусни, а готови за помалку од половина час. Сепак, имам денови, особено за викендите, кога знам буквално да се заборавам во кујна, од утро до мрак, а неретко за да излезе како што сум замислила да се занимавам со еден рецепт и два дена. На мојот профил може да се најде палета на рецепти и предлози за готвење, од појадоци, предјадења и салати, десерти, до начини на сервирање на храната и декорација на трпезата.

ТЕХТ.МК: Ова ваше хоби бара и одредени финансии. Колку издвојуваме месечно за состојките и намирниците со кои ги подготвувате рецептите?

НАКОВА: Досега не сум правела некаква математика за тоа колку месечно трошам, веројатно бидејќи секогаш готвам по желба на најблиските, без разлика дали е за дома или за подарок, а потоа постапката ја споделувам на социјалните медиуми.

ТЕХТ.МК: Кој ваш инста-прилог досега наишол на најголема гледаност?

НАКОВА: Според инста-бројките, најсподелуван и најмногу пати зачуван досега е рецептот за чизкејк.

ТЕХТ.МК: Што најчесто има на вашето мени? Обрнувате внимание на исхраната или сте гурман без граници?

НАКОВА: Не би рекла дека има нешто што е забрането, но во последно време се зачестени здравите оброци. Пролетта за мене е инспиративна, шарена сезона, со можности за секаков тип на храна во недоглед. Најважен според мене е балансот, претерувањето со било што во животот не е добро.

ТЕХТ.МК: Вие сте студентка, паралелно и работите на проекти во сферата на човековите права. Стигнува ли време за сѐ?

НАКОВА: Секој од нас има 24 часа во деноноќието и одбира што ќе прави со нив. За мене ‘немам време’ никогаш не е опција за активности или луѓе што во животот ми значат, ме радуваат и исполнуваат. Добрата организација на времето е завршување на половина од работата. Време секогаш има, прашање е дали е нештото доволно важно истото да му го посветите.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ