Од раѓање на детето до 18-тата година се случуваат најважните фази во неговиот развој. Во тој период се случуваат многубројни промени во пределот на устата и лицето. Има две штетни навики кои директно влијаат во развојот на усната празнина, распоредот на забите, а со тоа и развивање на лицето. Тоа се цуцлата и цуцлата лажливка, како и цицање на палец. И двете штетни навики прават горе долу ист проблем, но двете се случуваат од различни причини.
ЦУЦЛА
Додека размислував за текстот , немав сé уште решено во кој правец и со каков тон да го пишувам текстот. Дали престрого да почнам, никако цуцла и точка, ќе се случи ова, она…затоа што во праксата сме виделе секакви случаи, некои толку тешки што, за да се исправи ситуацијата потребно е ангажирање на матичен стоматолог и ортодонт, неколку години континуирана работа, или, пак, помеко со тоа дека и не е така страшна цуцлата, дете без цуцла кај се видело итн…Вистината е дека за ништо не треба да се претерува и сé треба во свое време да се прави.
Во раната фаза од детството најмногу до првата година од животот, ако се дава повремено цуцлата може да допринесе за правилен развој на детето. Може да се дава 1-2 пати во текот на денот, со шмукањето детето прави многу корисна моторичка вежба. Сé останато со цуцлата и сите други совети, варијации на тема од искусни баби и наметливи комшивки се штетни. Па така, на пример штетно е мачкањето на цуцлата со мед и давање на детето (бљак). Прво ќе му стежне на детето, медот директно се задржува на забите, затоа што нема самочистење и испирање, ќе се расипат забите за еден месец, мед до една година не се дава на бебе , а цуцла после една година не треба да се користи, така што оваа комбинација отпаѓа (во различна смена се ). Исто така, хранење со цуцла, тука не станува збор за дохранување на бебе после доење, или каде што мајката не е во можност да го дои детето, па тоа е единствен начин на исхрана. Во пракса се среќаваат случаеви каде што едно или двегодишни деца се хранат преку цуцлата. “Грижливите” мајки го пресекле врвот на цуцлата и детето без поголема мака пие или голта испасирана мусака, грашок , сарма, грав, леќа, сé што се подготвува за ручек и се разбира бисквит со млеко и несквик пред спиење. Овие деца се со преголема тежина уште од рана возраст, што е лошо менаџирање на килограмите од почеток. Сите запчиња им се изедени до непце и поцрнети и секако имаат мала, неразвиена вилица, која што никогаш не џвакала. Втората, екстремна варијанта е дечиња што се хранат до 3-4 годишна возраст и тоа пијат само млеко, многу ретко или воопшто ништо не јадат. Генерално, оброците се млеко без шеќер (тоа му доаѓа како солена храна) и млеко со несквик како благо јадење. Овие деца се кахектични, многу слаби и неразвиени, секако запчињата се претворени во црни коренчиња и вилицата што не џвакала е неразвиена.
За да се избегнат и двете ситуации треба да се внимава, затоа што само од невнимание на родителите може да се доведе во ваква ситуација.
Течна храна не постои затоа во фаза на никнување на запчињата, треба да се дава храна на децата што не е ситно испасирана. Треба да се стимулира детето да ја одгризе храната. Кога ќе никнат сите млечни заби, детето ќе може да јаде цврсти оброци како и возрасните. Постојаното држење на цуцла во уста која што паѓа, ја пипаат сите дома и во градинка, е извор на инфекција, за крајниците, а често се јавува и воспаление на ушите. Вакуумот што се создава при шмукање на цуцлата, не дозволува правилно да се развие, рашири вилицата, а со тоа се намалува и просторот за бисерно наредени заби.
Вакуумот или негативниот притисок, го прави високо непцето во горната вилица, собирајќи ги задните заби едни кон други, а предните се издаваат нанапред, додека пак долната вилица ја сместува во една задна положба, правејќи ја толку малечка што нема простор ниту за заби, ниту за јазикот.
На цуцлата лажливка, ниту самото име не и е убаво. Никој не сака со залажување да го одгледува детето. Зашто да му ја тутнете цуцлата во уста, немате време за детето? Ви почна серијата? Треба набрзина да го заспиете? Аааа, да, имате поважна работа. Во тој момент нема ништо поважно од вашите дечиња, и самите знаете, затоа направете ги вистинските работи во вистинско време. Така е најубаво за детето, а најевтино за вас, затоа што сите интервенции да се поправи оваа штета чинат пари, време и нерви.
ЦИЦАЊЕ НА ПАЛЕЦ
Цицањето на палец е природен рефлекс што го смирува и опушта бебето и му помага да заспие. Посебно е истакнато околу втората година (18-21 месец). Во тој период детето става разни предмети во устата и на тој начин ја запознава околината и таа навика треба постепено да избледува. Но, еден дел од дечињата не престануваат со цицање на палецот и тоа почнуваат да го прават и преку ден. Преку ден дечињата го цицаат палецот најчесто кога се тажни, несигурни и вознемирени. Во таква ситуација, не треба да се интервенира затоа што само додатно ќе го изнервирате детето. Нема простор за нервоза затоа што детето само ќе престане. Има ретки случаи на упорно цицање палец, што знае да направи проблем на распоредот на забите, тесна вилица, заби издадени нанапред и мала и во задна положба долна вилица. Слично како деформитетите што ги прави цуцлата. Ноктот на палецот се искривува и прстот е постојано со инфекции.
Како и секоја навика и оваа тешко се искоренува, треба внимателно да се договарате со детето, дискретно тоа треба да биде ваша работа. И ако ова не помогне, тогаш ќе го натерате вашето дете да ги цица сите прсти на двете раце,тоа ќе го збуни и по кратко време ќе сфати и ќе се откаже.
Сите навики тешко се искоренуваат, посебно оние штетните. Не се сомневам во вас дека ќе се ангажирате бескомпромисно да му помогнете на вашето дете. Помагајте му на детето уште во рана возраст да се справи со вакви предизвици и да излезе како победник, кога ќе порасне само ќе се гордеете со него.
Подготвила: С.Н.