Секој што влегол во јавен тоалет го знае тој момент на гадење: мириси, траги на подот и страв од тоа што „оставиле“ претходните корисници. Па, логично е прашањето – дали седењето на WC-школка може да ве зарази со полни или други болести?
Микробиолозите велат: теоретски е можно, но шансите се занемарливо мали. Полно преносливи инфекции како гонореја или хламидија не преживуваат долго надвор од телото, особено не на ладна и тврда површина како даската. За реален ризик би требало телесни течности веднаш да се пренесат на гениталиите – сценарио што е речиси невозможно.
Слично е и со вируси кои се пренесуваат преку крв: видливи се и ретко би дошло до контакт. Инфекции на уринарниот тракт, пак, многу почесто се добиваат од сопствена лоша хигиена отколку од туѓа WC-школка.
Иако шансите за полно преносливи болести се минимални, некои вируси имаат подолг животен век. HPV може да преживее и до една недела на површини, но за да се заразите, потребна е рана или оштетена кожа. Херпесот теоретски исто може да се пренесе, но тоа е ретко и најчесто проблем само кај луѓе со слаб имунитет.
Многу поголем ризик доаѓа од бактерии како E. coli, салмонела, шигела или стафилококи, кои предизвикуваат дијареја и повраќање. Опасен е и норовирусот – исклучително заразен и отпорен, способен да преживее на површини со месеци.
Еден од најголемите ризици е таканаречениот „toilet plume“ – микроби кои се распрснуваат во воздухот кога се пушта вода. До 60% од честичките може да се подигнат и да слетаат на раце, облека или лице. Токму затоа, освен даската, критични точки се рачките, славините, кваките и – подот, најзагадената површина во секој тоалет.
Обложувањето со хартија или специјални навлаки дава чувство на сигурност, но хартијата е порозна и микроорганизмите лесно поминуваат низ неа. Чучнувањето над WC-школка може да биде дури и штетно – кај жените често доведува до непотполно празнење на бешиката и зголемен ризик од уринарни инфекции.
Како навистина да се заштитите?
-
Миење на раце – најважната мерка. CDC препорачува 20 секунди со сапун и вода. Повеќето луѓе тоа го прават двојно пократко.
-
Избегнувајте допирање – ако е можно, користете безконтактни системи (автоматски славини, сензори за пуштање вода).
-
Чистење дома – истражувањата покажуваат дека домашните тоалети често се „попрљави“ од јавните. Идеално е да се чистат на секои три дена.
-
Вентилација и дистанца – ако има можност, излезете од кабината веднаш по пуштањето на водата или почекајте неколку минути пред да влезете по друг корисник.
Полно преносливи болести преку WC-школка – практично не. Гастроинтестинални вируси и бактерии – можно, но со многу мала веројатност, особено ако практикувате правилна хигиена. Најголемиот ризик не е во самата даска, туку во нашите раце.
Со едноставна навика – миење раце – јавниот тоалет не мора да биде здравствена закана.
Подготви: С.Р.

